Јаневска: На 1 септември ќе има учебници за основно, исклучок ќе бидат неколку предмети

Многу шпекулации се проширија во јавноста, но би сакала да повторам и потврдам дека сите ученици од прво до деветто одделение на 1 септември ќе имаат учебници, со исклучок на неколку предмети за кои претходното раководство во Министерството не обезбедило и можеби ќе доцниме со нивната изработка, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во вечерашното гостување во дневникот на ТВ Сител.

– За седмо одделение не може да има учебници по новата програма. Имам докази дека ниту еден учебник не е пуштен во печат, а некои не се ни подготвени, ни одобрени. Поради тоа во интензивни разговори сме со Бирото за развој на образованието и најверојатно утре ќе го дефинираме решението. Идејата е да ја запреме Концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение, со тоа што, седмоодделенците ќе учат по старите наставни програми и по старите учебници, информира Јаневска.

Таа додаде дека има одреден тираж кој се користел изминатава учебна година и ќе се направи анализа колку примероци дополнителни треба да се испечатат.

Главен проблем, посочи Јаневска, се учебниците по странските јазици кои години наназад недостасуваат и тие по ниедно одделение во основното образование нема да бидат изготвени до 1 септември. Во средното пак, се прават напори за печатење на 120 учебници кои ќе се користат во стручните училишта.

Таа нагласи дека во минатото се одобрувале и се печателе учебници за кои имало и негативно мислење од рецензентските комисии и Бирото за развој на образованието и како што рече, ова се елементи кои треба да се истражат и да се лоцира одговорност.

Јаневска, меѓу другото, вети повисоки плати за наставниците и нов електронски дневник.

– Уверувам дека ќе направиме максимални напори за да овозможиме платите постепено да растат, а до крајот на мандатот ќе потпишеме и нов колективен договор за основно и за средно образование, истакна Јаневска.

Министерката за образование и наука информираше дека со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура веќе разговарала за можностите за унапредување на статусот на наставниците и за обезбедување на повисоки плати.

Таа посочи и дека во моментов МОН ги консултира наставниците дали да има само електронски дневник или да се врати и хартиениот од идната учебна година.

– Пред неколку дена заврши проектот за изготвување нов електронски дневник и тој сега е на располагање на МОН. Разбрав дека истиот има добра заштита, за да не може да се бришат оценки и изостаноци. Но, ние спроведуваме анкета меѓу наставниците дали сакаат само електронски или и хартиен дневник. Како ќе се изјаснат така и ќе постапиме, но мое мислење е дека сепак, треба да има и некоја скратена, печатена форма на дневник за евиденција, рече Јаневска.