Шведска и Финска ќе поднесат апликации за членство во НАТО

Очекувањата се денеска Шведска и Финска заеднички да ги поднесат своите апликации за членство во НАТО.

„Во Шведска и Финска се согласуваме да одиме рака под рака со целиот овој процес, а утре ќе поднесеме барања“, рече синоќа во Стокхолм шведската премиерка Магдалена Андерсон на прес-конференцијата со финскиот претседател Саули Ниинисто.

Парламентот во Финска со над 95 отсто од гласовите вчера гласаше за влез во НАТО.

И во Шведска, тамошната министерка за надворешни работи Ен Линде ја потпиша апликацијата на нејзината земја за членство во НАТО.

Финска и Шведска историски беа неутрални, но руската инвазија на Украина радикално го промени јавното мислење во двете држави за приклучување кон Северноатлантската алијанса.

Освен Турција, останатите членки на НАТО ја поддржуваат кандидатурата на двете земји.