Чаир и Бутел мрзнат, нема решение за топланата Скопје-Север

Што се виновни овие деца што мрзнат во градинките? Ваквата состојба трае веќе 5 дена. Се случува не само во образовните институции, туку и во целиот регион на Чаир и Бутел, област која е под топланата Скопје-Север, која всушност не се очекува да функционира барем до крајот на оваа недела.

Во екот на енергетската криза дел од училиштата и градинките се загреваат со инвертер климатизери бидејќи парното не работи. Дури и некои од родителите ги повлекоа своите деца бидејќи е многу студено и овие уреди што ги загреваат просторите не се доволни за правилно одвивање на образовниот процес.

Една од воспитувачките во градинката „11 Ноември“ ни рече дека немаат услови да ги задржат децата подолго.

„Во овие услови е речиси невозможно бидејќи климата што ја гледате не покрива толкав простор. Од вчера утрото беше многу студено бидејќи за време на викендот објектот не се загрева. Има многу реакции од родителите бидејќи овој период е полн со грип, а настинките се дополнителна причина за влошување на здравјето“, рече една воспитувачка.

„Студено е, нема услови. Каде да ги оставам? Да се разболат? Ова нема смисла. Ова не е прв пат, пред две недели беше истиот проблем. Сега е уште полошо, нема што да правиме. Во моментов, во зима, нема греење. Се гледа по самите деца со два-три палта, дресови и капи внатре“, реагира еден родител.

Од раководството на топланата велат дека сакаат да ја дадат под привремено управување на државата. Но, извршниот директор Куштрим Рамадани тврди дека одборот на доверители на „Скопје-Север“ не му дозволува на сопственикот Богољуб Макревски, да го потпише документот за давање под државно управување.

Алсат го обезбеди документот. Еден од претставниците на Одборот е и компанија Макпетрол, која досега ги снабдувала со гас, исто како и другите топлани. Но, ЕСМ сега испорачува гас од друга фирма, што ја отежна процедурата за давање под државно управување, бидејќи во овој случај Макпетрол е исклучен од снабдувањето на топланите со гас.

„РКЕ не ни ги прифаќа реалните цени на гасот за да не се зголеми цената на услугата за граѓаните. Јас се согласувам со ова, но некој мора да ни излезе на помош за да го надомести тоа, односно оваа разлика во цената на гасот. Досега Владата не ни дојде на помош под изговор дека не субвенционира приватни фирми, што никаде не го пишува во законот. Ако одборот на доверители даде дозвола за потпишување на техничко-деловна соработка со ЕСМ, проблемот веднаш ќе се реши, ние сме под притисок на времето“, изјави Куштрим Рамадани, директор на АД. „Топлана Скопје-Север“.

За да не ги остави граѓаните без парно, Рамадани вели дека топланата не добива ни можност да користи мазут како план Б. Ова самата ЕСМ го остави како можност во случај на недостиг на јаглен за производство на струја или во недостиг на гас за производство на топлинска енергија. Од топлана велат дека имаат Б-интегрирана дозвола од Министерството за екологија, но инспекторатот на Град Скопје им забранил да горат мазут. Од Министерството за економија велат дека им оставиле на Регулаторната комисија за енергетика и на ЕСМ да најдат решение за топланата Скопје-Север. Од ЕСМ велат дека се во континуирани разговори за правно деблокирање на состојбите за државата да ја преземе топланата.