Хрватска испрати полицајци во Белград за потрага по исчезнатиот Периш

Хрватските медиуми јавуваат дека во главниот град на Србија е испратен тим од претставници на хрватската полиција за да помогне во потрагата по исчезнатиот Матеј Периш од Сплит. Ова го потврди и премиерот на Хрватска, Пленковиќ.

„Што се однесува до исчезнатиот Матеј Периш, побарав од министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ во Белград да испрати тим на претставници на хрватската полиција, тие денеска се на пат за Белград“ рече Пленковиќ во Сплит.

Тој вели дека постојано се работи на две патеки, едната се директни разговори меѓу полицијата, а другата се политичко-конзуларни активности што ги води Хрватската амбасада во Белград.

„И затоа сакаме за досегашните напори да им се заблагодариме на полицијата во Белград и на сите кои се занимаваат со оваа тема, а на овој начин сакаме да дадеме дополнителен акцент и заеднички придонес на сите досегашни активности во потрагата. Правиме се што е одговорно и пресудно за заштита на нашиот државјанин, момчето од Сплит, кој отиде во Белград и за жал сè уште е исчезнат“ изјави премиерот на Хрватска.

Потрагата по Матеј Периш (27) од Сплит, кој исчезна во Белград, влезе во 11-ти ден. Се уште нема инфо што се случило ноќта меѓу 30 и 31 декември кога последен пат бил виден.