Ленин Јовановски: Приватните превозници во Скопје се соочуваат со економска штета

„Поради покачувањето на цената на метанот, приватните превозници се соочуват со економска штета и нормално функционирање на автобусите. Неопходно е Владата да интервенира со одредени активности или субвенции што ќе им помогнат да ја совладаат оваа состојба“ – рече денеска на прес-конференција директорот на приватното претпријатие „Слобода превоз“.

„Во моментов, кон добавувачите на метан и нафта имаме долг од 43,5 милиони денари. Ниту за време на пандемијата не сакавме да организираме протести, бидејќи го имавме предвид актуелниот момент, не сакавме дополнително да ги оптоваруваме граѓаните и да ја прекинеме работата. Одевме на помал отпор, се обраќавме со писма, вербални притисоци, но за жал ништо од тоа не беше прифатено, никаква комуникација немавме за да го решиме тој проблем. Единствено ни остана приватните превозници да се задолжуваат кај добавувачите и да подигнат кредит, за да можат да ја извршат услугата што одговорно ја преземале во интерес на граѓаните“ – рече Јовановски.

Тој вели дека покачувањето на метанот е само едно од низата состојби што прават економска штета и го нарушуваат нормалното функционирање на превозот.

„Согласно истражувањата што ги направив не наидов во друга држава, барем не во Европа и соседството да има толкаво процентуално зголемување, иако знаеме дека на светската берза е постигната висока цена. Претпоставувам дека покачувањето не е како кај нас, затоа што претпоставувам дека државите преземаат одредени мерки за да го ублажат ценовниот шок што се случува“ – вели Јовановски.

Јовановски посочи дека приватните превозници располагаат со 21 автобус на ЦНГ метан, додека ЈСП – Скопје располага со 33.

„Ако го земеме процентот на учество во јавниот превоз, каде што тие преовладуваат со 70 проценти, а ние со 30 отсто, ќе видиме дека кај нас тоа ќе се одрази многу повеќе со оглед на тоа што имаме дупло повеќе автобуси, споредбено на обемот на работа што го извршуваме во јавниот превоз и ако истиот кај нив постои како проблем, за којшто треба да се најде решение, кај нас е многу поголем“ – вели тој.