„Само револуција ќе го собори Владимир Путин од власта“. Ова денеска го изјави Михаил Ходорковски – некогаш најбогатиот човек во Русија, пред да падне во немилоста на Кремљ. Ходорковски, кој стана еден од најмоќните руски олигарси за време на претседателот Борис Елцин, во 1990-тите, изјави дека се сомнева дека рускиот народ ја поддржува инвазијата.
„Јас сум во целосен шок поради тоа што се случи“ – изјави Ходорковски преку видео врска, а на моменти изгледаше дека се наоѓа на работ да заплаче.
Додека зборуваше, руски ракети паѓаа врз украинските градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, каде луѓето се кријат во засолништа од руската офанзива.
Ходорковски (58) рече дека Путин сака да ја окупира Украина, да ја уништи нејзината одбрана и да формира „марионетска влада“ во Киев.
„Соборувањето на режимот на Путин не може да се постигне со демократски мерки. Промената може да дојде само со револуција – или револуција одозгора или револуција одоздола“ – рече Ходорковски.