
Хаосот со новиот систем за пасошка контрола во ЕУ е системски крах, авиокомпаниите бараат да се суспендира до крајот на летото
И покрај предупредувањата патниците да доаѓаат порано, првиот викенд од примената донесе сериозен хаос на граничните контроли: редици до три часа, доцнења и пропуштени летови. Според ACI EUROPE и Airlines for Europe (A4E), овие проблеми биле очекувани и сега станале реалност. Тие побараа од Европската комисија и земјите-членки на ЕУ „веднаш да воведат дополнителна флексибилност“ во работењето на новиот систем.
Европската авиоиндустрија бара од Европската комисија да овозможи целосно или делумно суспендирање на новиот Систем за влез/излез (ЕЕС) до крајот на летото, поради сериозни оперативни проблеми при неговото воведување, пишува СДК.мк.
ЕЕС, кој официјално стартуваше на 10 април во 29 шенген земји, се однесува на патници вон ЕУ кои престојуваат до 90 дена во рамки на 180 дена. Системот ги заменува рачните печати во пасошите со дигитална евиденција за влез и излез, и собира биометриски податоци како отпечатоци од прсти и фотографии на лице.
И покрај предупредувањата патниците да доаѓаат порано, првиот викенд од примената донесе сериозен хаос на граничните контроли: редици до три часа, доцнења и пропуштени летови. Според ACI EUROPE и Airlines for Europe (A4E), овие проблеми биле очекувани и сега станале реалност. Тие побараа од Европската комисија и земјите-членки на ЕУ „веднаш да воведат дополнителна флексибилност“ во работењето на новиот систем.
A4E остро реагираше, оценувајќи дека долгите чекања не се „почетни тешкотии“, туку „системски крах“. Тие нагласуваат дека авиокомпаниите не можат да влијаат на граничните процедури, и покрај тоа што работат да ги одржат летовите навремено.
Иако индустријата го поддржува ЕЕС како алатка за подобрување на безбедноста, предупредува дека не смее да доведе до постојани нарушувања во патувањата. Затоа, бараат поголема флексибилност во неговото спроведување. A4E повика на поголема флексибилност во имплементацијата како суштинска за непречено одвивање на операциите.
„Единственото изводливо решение е Европската комисија да дозволи целосно и делумно суспендирање на EEС до крајот на летото, каде што е потребно“, се вели во соопштението.
Како конкретен пример за последиците, на аеродромот Линате во Милано, од 156 патници за лет кон Манчестер, само 34 успеале да се качат, додека останатите го пропуштиле летот поради долгите редици. Некои патници морале да платат над 1.600 фунти за алтернативни летови и пристигнале дома со задоцнување од 24 часа.
Авиокомпаниите, вклучително и „Изиџет“, ги оценија доцнењата како неприфатливи и ги повикаа граничните власти да ја искористат дозволената флексибилност за да се избегнат вакви ситуации додека системот целосно не се стабилизира.