Фон дер Лајен повика на брзи реформи во Будимпешта за Унгарија да ги добие блокираните средства од ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повика на брзи реформи во Унгарија по изборната победа на опозицијата, нагласувајќи дека напредокот е клучен за деблокирање на милијардите евра замрзнати средства од ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повика на брзи реформи во Унгарија по изборната победа на опозицијата, нагласувајќи дека напредокот е клучен за деблокирање на милијардите евра замрзнати средства од ЕУ.

Говорејќи на настан по повод 80 години од весникот „Die Zeit“, таа синоќа изјави доколку Будимпешта не ги исполни условите до крајот на август, би можела да остане без околу 6,5 милијарди евра средства од европскиот фонд за закрепнување по пандемијата.

Временскиот притисок е „огромен“, рече фон дер Лајен, додавајќи дека пред два дена испратила екипа високи претставници во Унгарија да помогнат за исполнување на потребните реформи и инвестиции.

Средствата беа задржани поради загриженоста на ЕУ за владеењето на правото во Унгарија за време на мандатот на премиерот во заминување, Виктор Орбан.

Одговарајќи на прашање дали Европската унија требало да заземе построг став, фон дер Лајен рече дека Унијата била „исклучително строга“, замрзнувајќи вкупно 17 милијарди евра – недостиг кој, според неа, влијаел врз конкурентноста на Унгарија и се одразил на изборниот резултат.

Фон дер Лајен истакна дека Унгарците „заслужуваат да ги добијат овие европски средства“ откако ќе се исполнат условите.