Филипче побара гувернерот Славески да поднесе оставка поради случувањата во Алта банка

– Дали имало средби меѓу гувернерот Трајко Славевски и Давор Мацура? Дали имало средби на кои присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски? Дали Давор Мацура доаѓал во Македонија со скап приватен авион за да присуствува на такви средби? Ова се исклучително важни прашања, од чии одговори зависат и репутацијата на нашата земја и угледот на Македонија во Европа и во светот – рече Филипче.

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз – Венко Филипче денеска на прес-конференција побара оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески за случувањата во Алта банка Битола.

Филипче рече дека најголема одговорност за метежот пред банкоматите на Алта банка Битола има гувернерот Славески бидејќи дозволил Алта банка Белград да влезе во Македонија.

– Станува збор за банка која за период од пет или шест години ја зголемила својата актива дури 11 пати. Таков раст е исклучително невообичаен во банкарскиот сектор и отвора сериозни прашања за потеклото на капиталот, особено кога постојат сомневања за можни врски со криминал, корупција, шверц на дрога и слични незаконски активности. Гувернерот Трајко Славевски очигледно не постапил согласно законските обврски. Како што и самиот изјави, не го познавал сопственикот на банката. Но, тој имал обврска да знае кој е сопственикот на Алта банка, со каков човек има работа и каква е неговата репутација, особено кога станува збор за банка што влегува на нашиот финансиски пазар – рече Филипче.

За случувањата со оваа банка во земјава, според СДСМ, одговорност имаат гувернерот Славески и премиерот Христијан Мицкоски.

– Гувернерот најавува некаква продажба на акциите, иако вистината е дека тој не може самостојно да ги продава акциите, ниту тоа може да го направи нашата Народна банка. Одлуката за нивна продажба треба да ја донесе институцијата што управува со стечајната постапка на Алта банка во Белград, а тоа е Агенцијата за осигурување на депозити во Србија. Таа институција треба да одлучи за продажбата на акциите, бидејќи средствата добиени од нивната продажба ќе влезат во стечајната маса на Алта банка во Србија.

Сè додека не се заврши таа постапка, не е возможно процесот да се реализира на начинот и во рокот што ги најавува гувернерот. Иако знаеме дека тој сака што побрзо да ги затвори сите овие прашања, таквата постапка не може да се заврши за десетина дена. Станува збор за процес што бара време – рече Филипче.

Од СДСМ прашуваат зошто не било проверено каков капитал влегува во земјава и зошто не била проверена репутацијата на сопственикот на Алта банка.

– Дали имало средби меѓу гувернерот Трајко Славевски и Давор Мацура? Дали имало средби на кои присуствувал и премиерот Христијан Мицкоски? Дали Давор Мацура доаѓал во Македонија со скап приватен авион за да присуствува на такви средби? Ова се исклучително важни прашања, од чии одговори зависат и репутацијата на нашата земја и угледот на Македонија во Европа и во светот – рече Филипче.