Филипче го повика амбасадорот Рокас да помогне за уставните измени

Претседателката Сиљановска вели дека секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени не е искрен. И пак ги повтори старите ставови

Нема промени на сцената, а Македонија не е ни чекор поблиску до ЕУ.

Така изгледаат во овој момент македонските аспирации кон Европската унија, а ним и денеска ги остави статични претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Откако вчера албанскиот премиер Еди Рама го убедуваше неговиот македонски колега Христијан Мицкоски, дека Тирана нема да стави вето на Скопје ако побрзо влезе во ЕУ, Сиљановска денеска ги повтгори своите познати ставови преку кои може да се заклучи дека години и години треба да поминат за Македонија да ги почне преговорите со Унијата.

Таа всушност ги потцрта македонските барања кои ја оставаат државава надвор од македонскиот пат.

„Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот“, рече Сиљановска во обраќањето на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на кој се дебатира за извештајот на ЕК за Македонија за 2026 година.

Таа истакна неколку димензии кои, според неа, се важни за напредокот на Македонија кон ЕУ: недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување кон Унијата, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања и отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите.

И потоа ги повтори познатите ставови за кои нема никаков напредок последниве две и пол години: „Ништо досега не нè поколебало да останеме на европскиот пат и ништо нема да нè поколеба. Нашата цел останува истата – полноправно членство во Европската унија. Ние не бараме привилегии, не бараме посебен третман, не бараме пониски стандарди. Бараме доследна примена на европските правила, принципи и вредности, еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги“.

Таа очекува дека ЕУ ќе биде „објективен брокер да стави јасно до знаење преку стриктни правила дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена, а не да остане само како декларација, како за другите, така и за нас“.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, имаше поинакви пораки од седницата на која беше присутен и амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас. Филипче како претседател на Националниот совет за евроинтеграции го повика евроамбасадорот Рокас да помогне во интерес на граѓаните и европската иднина на земјата. Тој рече дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство.

„И сега ќе го повикам тука на помош и можеби да коментира во даден момент кога ќе сака евроамбасадорот Рокас. По примерот на претседателката Фон дер Лајен којашто кажа дека нас нѐ чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека тврдењата на оваа власт изминативе години дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓаат во вода“, рече Филипче.

Тој додаде:

„Зошто никој не зборува за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство благодарение на оваа пропаганда. Чекај, да не зборувам, ќе ме направат предавник. Зошто? Затоа што виткам кичма“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ му се обрати на амбасадорот Рокас идиректно полемизирајќи со Сиљановска и нејзините искази за уставните промени.

„Предавничка ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас? Насмни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европска унија ѝ треба помош“, рече Филипче.

„Преспанскиот договор беше предавство. Претседателката ќе го враќаше старото име, уставно, за време на кампањата. Никогаш немаше да го користи и така натаму. Сега Северна секаде користена, на сите меѓународни состаноци, а тука дома ни С од Северна. Христијан Мицкоски исто така велеше додека сум јас ВМРО, за мене Преспанскиот договор не е завршена работа“, рече Филипче.

Сиљановска наведе дека е добро што во извештајот на ЕК нема констатирано уназадување. Но нагласи дека „ова темпо на констатиран напредок не е доволно за да го одржиме долго одржуваното високо место на усогласеност со правото на ЕУ споредено со другите земји во регионот“.

И во поглавја каде со години компаративно сме понапред, додаде таа, како на пример безбедноста на храната и Царинската унија, сега е констатиран ограничен напредок. Во кластерот Внатрешен пазар, усогласеноста останува на исто ниво години со ред, напредокот стагнира. „Клучниот кластер Темели, за разлика од минатата година, има напредок, иако ограничен во областа на правосудството. Меѓутоа, не се констатира напредок во корупцијата и јавните набавки. Забележан е ограничен напредок во правда, слобода и безбедност, исто така област во која имавме предности, и јавната финансиска контрола, а остануваат слабости во некоии области на имплемнентација на темелните права. Наназад, констатираното ниво на усогласеност сепак можеме да кажеме дека е бавно, исто како и напредокот, а некои од препораките се повторуваат – истакна претседателката.

Посебно внимание, според неа, заслужуваат хроничните слабости како недостаток на капацитети изразени во користење на средствата во ЕУ, за што сериозно треба да размислиме; потребата од зајакнување на независните тела; координацијата на политиките меѓу институциите, бидејќи државата треба да функционира како систем.

Сиљановска-Давкова нагласи дека не треба да нѐ демотивира фактот дека не бевме меѓу оние четири земји за кои беа објавени патокази. „Очекуваме, или јас очекувам, дека во пристапниот процес ќе се почитува нешто на што се повикуваа сите претходно – зборувам за Преспанскиот договор – и дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ кога државата ќе стане членка“, истакна претседателката.

„Наша задача како избрани од граѓаните е да ги браниме државните интереси. Истовремено, се разбира, не смееме да ја заборавиме европската цел и европската агенда. Императив да го сочуваме капацитетот на реформи е за мене и да не ја губиме енергијата на наметнати теми, односно враќање кон историјата“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Филипче оцени дека извештајот на Европската комисија е катастрофален и укажа на отсуството на напредок во правосудството, борбата против корупцијата, изборното законодавство и медиумите. Тој посочи дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија имаат јасен патоказ за следните чекори кон ЕУ, додека Македонија, која беше во пар со Албанија, остана надвор од таа група.

„Национално предавство ли е? Или е само една силна лажна кампања со цел да се држи земјава во изолација, додека цел регион оди напред, а ние гледаме како го пропуштаме можеби и последниот воз“, праша Филипче.

Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека веќе една година имаме геополитичка состојба, каде што светот е поларизиран, каде што има конфликт меѓу Русија и Украина и неизвесност на Средниот Исток.

„ЕУ и нејзините сојузници се на ниво на овие предизвици, наша задача е да го зашитиме државниот поредок и задоволство ни е што ја имаме Северна Македонија на наша страна – стоотстотното усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика“, рече Рокас.

Тој оцени дека Македонија е меѓу државите со највисоко ниво на подготвеност. Усогласувањето на националното законодавство со она на ЕУ се подобри особено во дигитализацијата и образованието. Реформите што произлегуваат од Планот за раст добиваат на динамика. Следната фаза на пристапните преговори зависи од неколку чекори – уставните измени, договор за јавната администрација и реформата и насоките во судството, рече тој.

Според него, штом преговорите се отворат целосно, земјата ќе може да продолжи со својата работа, ќе го движи процесот побрзо. Времето на реформи е сега, рече Рокас, а ова се однесува на борбата против корупцијата, реформа на судството… Тој истакна и дека во неколку сфери има потреба од заедничка работа, а усвоените закони да се имплементираат не само на хартија, туку и суштински.

За евроамбасадорот се неприфатливи неодамнешните случаи на насилство врз жените и посочи дека заштитата не треба да биде само преку закон, туку и преку пракса.

Извештајот на Европската комисија за 2026 го препознава нашиот активен ангажман и испорака на реформи во планот за раст на Западен Балкан и реформската агенда, континуираната целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и напредокот во одделни реформски области, истакна министерот за европски прашања Беким Сали.

„Истовремено, јасно ги посочува слабостите што бараат дополнителна работа, особено во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, јавната администрација и спроведувањето на законите. Кон овие наоди треба да пристапиме сериозно и без селективно читање“, рече Сали додавајќи дека расправата за извештајот не смее да се сведе на изолирани статистики, спротивставени оценки или политичко толкување на една бројка.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ се осврна на тоа што сега ќе биде најновиот тест на кредибилитетот на ЕУ и процесот на проширување, а тоа се кандидатурата и преговорите на Црна Гора.

„Доколку Црна Гора успее да ги затвори сите поглавја до крајот на 2026, што е желба на црногорските власти и на ЕК, и ние искрено се надеваме дека ќе успеат да го направат тоа, тоа ќе биде многу добар сигнал и за Црна Гора како кандидат, но и за сите други земји во регионот. Дали ќе успее, ќе знаеме во декември“, рече Милошоски.

Втората работа што исто така смета дека ќе биде многу важна, додаде тој, е текстот што ќе се пишува од земјите членки, Европската комисија и Црна Гора во однос на пристапувањето кон ЕУ.

„Дали тука ќе имаме клаузули што ќе ја дефинираат Црна Гора како следна полноправна членка или ќе биде членка од втора класа, која ќе има одредени права, одредени обврски и одредени ограничувања. Тука ќе ја видиме и одлуката во однос на службените јазици. Не е доволно да имате преведено законодавство на вашиот официјален јазик, во случајот македонскиот, за тој да биде официјален јазик на ЕУ. За да не ги залажуваме граѓаните, официјален јазик на ЕУ станува само оној за кој едногласно ќе гласаат сите земји членки на Унијата по зачленувањето“, посочи тој.

Милошоски, осврнувајќи се на обраќањето на Венко Филипче, рече дека фројдовско е прашањето дали е предавство за нешто за што не сте сигурен дали е тоа.

„Во неговото обраќање тој бара арбитража на некој начин за тоа дали актуелната Влада го ставала во незгодна ситуација евроамбасадорот или не. Дали евроамбасадорот треба да биде тој што ќе определи што е херојство или што е предавство. И самиот случај на политички консензус за евроинтеграциите го сведува, го спушта на пониско ниво на меѓуполитичко, меѓупартиско арбитрирање внатре во овој законодавен дом или во нашето политичко живеење, што сметам дека е погрешно“, рече тој.