Уставниот суд пресече, недела останува неработен ден

Недела останува неработен ден за најголем дел од работниците во земјава, одлучи мнозинството судии од Уставниот суд.

Портпаролката на највисоката судска инстанца во земјава Христина Беловска на прес-конференција соопшти дека Уставниот суд на својата денешна седница одлучил да не поведе постапка за преиспитување на законското решение со кое недела беше прогласено за неработен ден за најголем дел од работниците.

Всушност, уставните судии одлучиле да не се прифати иницијативата на Стопанската комора на Македонија, која беше подносител на иницијативата да се преиспита ова законско решение, за кое сметаат дека е неуставно.

Беловска соопшти дека оваа одлука на Уставниот суд е конечна и дека во правниот поредок на земјава останува да важи дека недела е неработен ден за најголем дел од работниците во земјава, освен за дејностите кои се утврдени како исклучоци.

Беловска рече дека не може да се открие кој судија како гласал, со оглед што тие имаат право на тајнпост во гласањето.