Ураганот Ијан стигна до Флорида со ветрови од 250 километри на час

Ураганот Ијан вечерва пристигна до брегот на Флорида, носејќи моќни ветрови и пороен дожд, при што властите им кажаа на луѓето дека веќе е доцна за евакуација. Ијан собираше сила во Мексиканскиот Залив додека се движеше од Куба и се ближеше кон ураган од петта категорија.

Националниот центар за урагани соопшти дека Ијан носи ветрови од 250 километри на час, што за малку не го прави ураган од петта категорија. Се очекува тој да почне да слабее откако ќе се пресели на копно.

Околу 20 часот по македонско време, гувернерот Рон ДеСантис потврди дека ураганот удрил во Флорида. Неговиот центар бил околу 40 километри западно од густо населената област Форт Маерс и метеоролозите предвидуваат дека нивото на водата ќе се покачи до 5,5 метри, што ќе опфати 400 километри од крајбрежјето.

„Ова ќе бидат многу грди ден-два. Многу брзо ќе стане уште полошо, па затоа итно побарајте засолниште“, кажа ДеСантис.

Повеќе од 470.000 домаќинства во Флорида веќе останаа без струја, а градоначалничката на Тампа, Џејн Кастор, изјави дека се очекуваат досега невидени поплави.