Почина раперот Кулио, најпознат по хитот Gangsta’s Paradise

Артис Леон Ајви Џуниор најпознат под името Кулио, почина доцна вчера од срцев удар на 59 години. Кулио бил во посета на пријател кога се срушил во бањата. Брзата помош констратирала смрт на самото место.

Кулио беше рапер, продуцент на плочи и актер, а неговиот мејнстрим успех е на крајот 90-тите години со неговите албуми It Takes a Thief (1994), Gangsta’s Paradise (1995) и My Soul (1997). Најпознат е по неговиот хит-сингл награден со Греми во 1995 година „Gangsta’s Paradise“, како и други синглови „Fantastic Voyage“ (1994), „1, 2, 3, 4 (Sumpin’ New)“ (1996) и „C U When U Get There“ (1997).

Gangsta’s Paradise е хитот по кој ќе остане најпрепознатлив и е насловна тема од филмот „Опасни мисли“. Песната доби бројни награди и милиони обожаватели низ цел свет, но од денешно гледиште, Кулио сметаше дека филмот како приказна е големо клише и по малку утописки. Тој го спореди со “сличните“ филмови „Слепа страна“ (The Blind Side) со Сандра Булок, или „Помош“ (The Help), што раскажуваат за т.н. „бели спасители“.

“Искрено, ги мразам овие филмови, каде што, нели „белата надеж“ доаѓа во зафрлен дел од градот и ги спасува децата… Тие случаи се многу ретки. Не многу луѓе во вистинскиот живот се грижат едни за други, изјави Кулио.

„Опасни мисли“ е филм заснован на вистинската приказна за наставничката од Калифорнија Лу-Ен Џонсон, која претходно била маринец во Американската армија. Со буџет од 23 милиони долари, филмот заработи над 180 милиони долари во САД.

Песната „Gangsta paradise“ како сингл пред 25 години беше продадена во шест милиони копии низ цел свет.

Кулио имаше шест деца со Јозефа Салинас со која се ожени во 1996 година, а се развеле во 2000 година. Во 2016 беше приведен на аеродромот во Лос Анџелес поради обид да внесе оружје.