Трудо најави акција против камионџиите кои блокираат во Канада!

Премиерот на Канада, Џастин Трудо изјави дека полицијата и сите нивоа на власт се подготвуваат да преземат акција против камионџиите, кои со денови протестираат против мерките за ограничување на коронавирусот и прописите за вакцинација.

„Демонстрантите мора да се откажат од блокадите или да се соочат со тешки последици за какви било незаконски активности – последици кои вклучуваат можност за кривично гонење и големи финансиски казни“ – рече Трудо.

Тој додаде дека федералната влада веќе нема да ги толерира активистите кои ја „земаат економијата во заложништво и го запираат животот во главниот град на нацијата.

Протестите почнаа кон крајот на минатиот месец со конвој од стотици камиони во главниот град Отава. Оттогаш „Конвојот на слободата“ и демонстрантите ги продолжуваат протестите во близина на канадскиот Парламент.

Камионџии го блокираа мостот „Амбасадор“ меѓу Виндзор во канадската провинција Онтарио и американскиот град Детроит во државата Мичиген.

Главниот судија на Високиот суд во Онтарио вчера нареди деблокирање на сообраќајот на копнената граница меѓу САД и Канада, а судијата Џефри Моравец побара деблокирање на висечкиот мост „Амбасадор“.

Тој мост е клучен за автомобилската индустрија, но и за американските болници каде работи голем дел од канадскиот медицински персонал.

Петдневната блокада на мостот „Амбасадор“ ја чинеше канадската автомобилска индустрија стотици милиони долари, соопшти Здружението на производители на автоделови.

Преку овој мост секој ден минуваат околу 40.000 луѓе и се превезува стока во вредност од 323 милиони долари.