Продолжува активниот дијалог на релација Скопје – Софија

С. Македонија и Бугарија се во активен дијалог за т.н. пакет политички прашања и за интензивирање на соработката во областите дефинирани со работните групи согласно утврдената динамика што треба да го откочи евроинтеграцискиот пат на земјава.

Вчера во Софија се одржа четвртата рунда експертски разговори меѓу тимовите на министерствата за надворешни работи на земјава и на Бугарија, ангажирани во дијалогот по однос на отворените политички прашања.

Од МНР соопштија дека на состанокот биле разгледани последните предлози испратени минатата година од нашата држава во одговор на предлозите на бугарската страна претставени на третиот круг експертски консултации кои се одржаа во септември лани во Скопје.

„Тимовите на министерствата за надворешни работи го потврдија ангажманот за поддршка на активен дијалог насочен кон изнаоѓање заемно прифатливи решенија за клучните теми од билатералната политичка агенда“ – наведоа од МНР.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера пак порача дека треба да се остави политичарите да зборуваат за политичките прашања, а историчарите за историските прашања.

„Историчарите работат според методологија, претседаваат двајца претседатели. Политичките прашања се предмет на разговорот помеѓу министерствата за надворешни работи. Тие денеска имаат состанок во Софија и кога комисиите ќе имаат што да изјават тогаш тоа останува на нив заеднички да го направат. Во однос на историската комисија треба да се остави на историчарите според својата методологија да ги даваат изјавите, политичарите да зборуваат за политичките прашања, историчарите за историските прашања“ – рече Ковачевски.

Шефицата на бугарската дипломатија – Генчовска рече дека „еден од главните приоритети е да биде постигнат напредок во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, за изготвување календар за заедничко чествување на личностите од, како што тврди, „заедничката историја, за кои веќе е постигната согласност“.

„Ќе бараме и да започне процес за осовременување на наставните програми во Република Северна Македонија“ – рече таа.

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Еуроњуз“ говорејќи за актуелни прашања поврзани со односите со Република Бугарија, посочува дека сè уште се бори да најде оправдување зошто настаните што се случиле во далечното минато имаат толку несразмерно влијание врз судбината на неговите граѓани денес.

„Не можам да му објаснам на просечниот македонски гласач или граѓанин колку е важно за влез во ЕУ – организација основана во 1957 година, во 20 век, каква етничка припадност бил Гоце Делчев или некој друг темелен херој, како цар Самуил пред десет века“ – наведува Пендаровски.