Гласни се барањата за скалесто покачување на сите плати – во спротивно штрајк

Откако се договори зголемување на минималната плата, се погласно се бара зголемување на останатите плати.

Дел од синдикатите излегоа со барање да се почитуваат Законот за минимална плата и колективните договори, во спротивно најавуваат радикализирање на идните чекори.

По Синдикатот на УПОЗ, вчера со реакција излезе и Конфедерацијата на слободни синдикати која побара до средината на март усогласување на останатите плати со минималната плата во јавниот сектор бидејќи во спротивно, велат, ќе настане хаос и бројот на вработени што ќе земат минимална плата ќе биде многу поголем, а ќе има случаи кога работници на различни позиции по сложеност на работа ќе земаат иста плата.

„Оваа криза не настана пред неколку дена со покачување на минималната плата, туку години наназад со претходните покачувања на минималната плата, со непочитување на Законот за минимална плата и на колективните договори од страна на Владата. Потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде денес и сега затоа што ако работниците во јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување ќе настане голем хаос“ – рече претседателот на КСС – Благоја Ралповски.

Ставот на премиерот Димитар Ковачевски е дека треба да се почитува Законот за минимална плата и во приватниот и во јавниот сектор и секое непочитување да се пријавува кај надлежните институции.

„Кога зборуваме за приватниот сектор тоа важи, меѓутоа тоа е мое лично мислење дека треба да важи и за јавниот сектор, што значи дека кога зборуваме за зголемување на платите, зборуваме за социјален дијалог во кој зборуваме за зголемување на платите, но, исто така и за зголемување на продуктивноста на трудот бидејќи јавниот сектор е платен од даночните обврзници, од сите граѓани и тоа особено од оние кои работат во приватниот сектор и треба и услугите што ги добиваат граѓаните да бидат секогаш од ден во ден, од месец во месец на повисоко ниво“ – изјави Ковачевски.

Измените на Законот за минимална плата кои уследија по постигнатиот договор на Економско-социјалниот совет се во собраниска процедура. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека амандмански ќе побара усогласување на платите со минималната плата.