
Трамп најави отворање американска воена база во Полска
Американскиот претседател Доналд Трамп најави „значаен напредок“ во преговорите за воспоставување американска воена база во Полска и изјави дека нејзината локација може наскоро да биде објавена. Трамп за договорот заслугата ѝ ја припиша на „храброто лидерство“ на полскиот претседател Карол Навроцки.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави „значаен напредок“ во преговорите за воспоставување американска воена база во Полска и изјави дека нејзината локација може наскоро да биде објавена. Трамп за договорот заслугата ѝ ја припиша на „храброто лидерство“ на полскиот претседател Карол Навроцки.
„Ако ова се случи, локацијата ќе биде објавена многу наскоро. Ова ќе биде историски чекор за нашето големо американско-полско сојузништво“, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Изјавата на Трамп уследи по два руски напади во рок од една недела во близина на украинско-полската граница. По овие напади, Полска ја засили безбедноста на граничните премини со Украина и таму распореди војници. Инженерските единици на полската армија почнаа да ја утврдуваат инфраструктурата и да поставуваат набљудувачки и стражарски пунктови во близина на премините во Дорохуск, Медика и Корчов.
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека ескалацијата од страна на Москва „станува реалност“ и претставува ризик за земјата. Тој исто така ги повика сојузниците од НАТО да бидат подготвени за зголемена руска активност во наредните недели и месеци и „заеднички да одговорат доколку е потребно“.
На почетокот на август, весникот „Волстрит џoрнал“, повикувајќи се на американски разузнавачки податоци, објави дека Русија би можела да се обиде да ја „тестира решителноста на НАТО“ во наредните години преку изведување „ограничен напад“ врз некоја од земјите на Алијансата. Меѓу можните сценарија, весникот ја спомена копнената инвазија на една од балтичките држави. Кон крајот на август, директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, ја посети Москва. Според „Волстрит џорнал“, тој ги предупредил руските власти да не ги напаѓаат балтичките држави.