Трамп ги стопира новите напади врз Иран по апел од земјите од Заливот

„Го одложив на кратко, се надевам можеби и засекогаш, но можеби само на краток период, затоа што имавме многу долги разговори со Иран и ќе видиме што ќе произлезе од нив“, изјави Трамп на настан во Белата куќа во понеделникот вечерта, неколку часа по објавата на социјалните мрежи.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го откажал нападот врз Иран, планиран за денес, по апел од лидерите на сојузничките земји од Персискиот Залив, кои побарале повеќе време за дипломатско решение.

„Го одложив на кратко, се надевам можеби и засекогаш, но можеби само на краток период, затоа што имавме многу долги разговори со Иран и ќе видиме што ќе произлезе од нив“, изјави Трамп на настан во Белата куќа во понеделникот вечерта, неколку часа по објавата на социјалните мрежи.

„Саудиска Арабија, Катар, ОАЕ и уште некои други ме замолија да го одложиме за два или три дена, за краток период, бидејќи сметаат дека се многу блиску до постигнување договор“, додаде Трамп.

„Ако успееме во тоа, нуклеарно оружје да не дојде во рацете на Иран, мислам дека тие ќе бидат задоволни, а веројатно и ние ќе бидеме задоволни“.

Претседателот повеќепати се закануваше со нова воена акција против Иран, но без да ја спроведе. Од Техеран немаше непосредна потврда за обновување на разговорите. Трамп изјави дека САД биле подготвени за напад доколку не се постигне прифатлив договор, но не постави краен рок.

Неговите коментари се најнов показател за сложената позиција во која се наоѓа поради војната, во услови кога Техеран зазеде цврст став поради отсуството на веродостојни закани за нови американски напади. Во исто време, евентуална ескалација би предизвикала дополнителен раст на цените на нафтата, ризик што Белата куќа засега не сака да го преземе.

Цените на нафтата и акциите осцилираа додека трговците ги анализираа спротивставените сигнали околу можноста за договор што би ставил крај на војната и би овозможил обновување на енергетските текови низ клучниот Ормуски теснец. Нафтата Вест Тексас падна за 1,4 отсто, додека индексот S&P 500 речиси целосно ги анулираше загубите во нестабилна трговска сесија по изјавите на Трамп.

Претходно во понеделникот, двете страни соопштија дека ги отфрлиле новите предлози како недоволни за постигнување договор.

Белата куќа соопшти дека понудата што Иран ја доставил преку пакистански посредници во неделата не содржела значителен напредок и не нудела конкретни обврски за предавање на залихите високо збогатен ураниум на Исламската Република, ниту за запирање на понатамошното збогатување, објави „Аксиос“, повикувајќи се на висок американски функционер и лице запознаено со прашањето.

Во исто време, Иран сигнализираше дека американските барања остануваат неприфатливи. Техеран одби да отстапи од некои од своите клучни позиции и инсистираше да му бидат вратени замрзнатите средства, како и да биде исплатена компензација за војната.

Со речиси целосно прекинат клучен извоз на нафта од Персискиот Залив поради војната, Трамп врши притисок врз Иран да постигне договор или да се соочи со продолжување на нападите. Иран се закани дека ќе возврати. Претходно во понеделникот, ОАЕ соопштија дека дрон погодил област во близина на голема нуклеарна централа.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви, кој пристигнал во Техеран во саботата, во понеделникот се сретнал со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

Иранската полуофицијална новинска агенција „Тасним“ претходно објави дека САД понудиле укинување на санкциите за продажба на иранска нафта сè до постигнување конечен договор, како дел од нов нацрт-предлог. Американски функционер, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на прашањето, изјавил дека информацијата е неточна, но без дополнителни детали.

Според „Тасним“, Иран соопштил дека барањата на Вашингтон и натаму се претерани и дека нема да прифати крај на војната по цена на својата нуклеарна програма.

Високите цени на нафтата дополнително го зголемуваат притисокот врз администрацијата на Трамп. Министерството за финансии во понеделникот соопшти дека ја продолжува важноста на исклучокот од санкциите за да овозможи продажба на руска нафта уште 30 дена.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент во објава на Икс напиша дека исклучокот ќе „им овозможи на најранливите држави привремен пристап до руската нафта што моментално е блокирана на море“.

На враќање од самитот во Пекинг минатата недела, Трамп им изјави на новинарите дека разговарал со кинескиот претседател Шји Џјинпинг за можноста за укинување на санкциите за кинеските нафтени компании што купуваат иранска нафта. Околу 90 отсто од иранскиот извоз на нафта пред војната завршувал во Кина.

Нападот со дрон врз нуклеарната централа во ОАЕ дополнително ја покажа кревкоста на примирјето. Министерството за одбрана на земјата соопшти дека леталото било лансирано од западниот дел на ОАЕ, додавајќи дека уште два дрона биле пресретнати.

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти во објава на социјалните мрежи дека биле активирани резервни дизел-генератори за снабдување со електрична енергија на третиот блок од централата. Според медиумската канцеларија на Абу Даби, немало радиолошко влијание.

Саудиска Арабија соопшти дека во неделата пресретнала и уништила три дрона што навлегле во нејзиниот воздушен простор од Ирак, каде што се наоѓаат бројни милиции поддржани од Иран. Не е јасно дали тие биле дел од нападот врз ОАЕ.

Иран засега нема официјален коментар за нападите.