Томосот од СПЦ за автокефалноста на МПЦ-ОА – стапица , данајски подарок, византиски игри?!

Интегрално ја пренесуваме изјавата на професор Цане Т. Мојаноски по повод Томосот за автокефалност на МПЦ издаден од СПЦ 5.06.2022 година:

„Веста дека денес во Белград сослужувале Српскиот патријарх Неговата светост г.г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот Охридски, Македонски и на Јустинијана Прима, е вест која потврдува дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија  е во литургиско и канонско единство со Српската православна црква и дека Томосот кој и е врачен е всушност, Одлуката на Патријархот и Саборот на СПЦ на која 45 епископи на СПЦ едногласно решиле на Македонската православна црква – Охридска архиепископија да и се додели автокефалност. На овој начин, досегашната Мајка – Црква го известува Вселенскиот патријарх и другите помесни цркви за прифатеното канонско и литургиско  единство и за доделениот автокефален статус.

Со Томос (грч. τόμος [tómos]) се означува акт на Црква, кој по правило го издава Патријарх и собор (синод) на една православна помесна црква, кој најчесто бил поврзан со признавањето на автокефалноста на некоја православна црква. Во соопштението од Вселенската патријаршија од 9 Мај 2022 година се вели: „ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј” врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.

Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

Како име на оваа Црква го признава „Охридска” (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија”.

Ако се следи дикцијата на ова соопштение, МПЦ – ОА, канонски и литургиски е прифатена од Вселенската патријаршија и е упатено „на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание“. Во тој контекст, актот Томос на СПЦ треба да се набљудува како меѓу чекор кон делот на соопштението на Вселенската патријаршија дека „кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт“, кој да потсетиме по овој вид прашања се нарекува Томос.

Иако, не располагаме со сознанија за содржината на Томосот, сепак оваа активност треба да се набљудува како чекор, кој е неопходен Вселенскиот патријарх со Томос, да ги информира помесните православни дека е возобновена Охридската архиепископија, како помесна православна црква во Република Македонија. Не сум склон да верувам во стапици, данајски подароци, византијски игри или било кој друг фолклор. Сум со убедување дека во интерес на православието, православната вера, вредност и принципи и на православната екумена е тој процес да заврши на канонски уреден и прифатен начин“.