Судиите Радевска-Стефкова и Герасимовски поднесоа оставки од членови на Судскиот совет

Судиите Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска Апелација поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет, објави СДК.мк.

Денеска напладне претседателот на Советот, Сашко Георгиев, одржа тематски брифинг со новинарите за полагањето психолошки и тестови за интегритет и за надоместоците на судските службеници, но не се спомена информација дека членови поднеле оставка.

По завршувањето на брифингот, од прес-службата на Судскиот совет ја потврдија информацијата која, велат, ја дознале по средбата со новинарите. Причините за оставките официјално не се познати.

Двајцата беа членови на Судскиот совет помалку од една година – од 19 септември 2022, а беа избрани на непосредни избори од редовите на судиите.

Оставките доаѓаат во период кога ова тело се соочува со низа критики кои ескалираа со контроверзното разрешување на претседателката Весна Дамева, која беше покренато од група членови поради човечките односи во Советот. Сепак, тоа ги засили шпекулациите дека заднината на сето ова е иницијатива за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети од скопскиот Апелациски суд за кого токму Судскиот совет утврди дека необјасниво девет месеци ја чувал првостепената пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување, која тој и неговите колеги во советот одлучија да ја укинат и да го вратат случајот на повторно судење.

Предводник на групата членови која го поддржа разрешувањето на Дамева беше заменик-претседателот Селим Адеми.

По сите контроверзии и обидот да се излезе од ќор-сокакот преку две тајни седници на кои се повлече првичното разрешување на Дамева, а потоа и беше изгласана недоверба, Адеми си поднесе оставка. Меѓутоа, тој сè уште е на функцијата заменик-претседател и член на Советот.

Сепак, неговата оставка беше со одложено дејство – до избор на нов претседател на Судскиот совет на РСМ, објавување на одлуката за избор во „Службен весник на РСМ“ и негово запишување во Централниот регистар за овластен потписник на сите акти и сметки на Советот.