Стојадиновиќ: Со секој нов сет на политичари, ни се нуди ниско и вулгарно ниво на комуникација

Политикологот Соња Стојадиновиќ потенцира дека секогаш во јавноста кога се тема на разговор е нешто од национален интерес, комуникацијата знаела да се вжешти и она што го гледаме ги преминува сите граници и толeранција.

– Секогаш кога има тема од национален интерес, комуникацијата се вжештува. Она што го гледаме ги преминува сите нивоа на вулгарност. Во приватна комуникација може да комуницираме со било каков вокабулар, а тоа што го гледаме во јавноста од политичките претставници кои ние сме ги гласале или не, кои се платени со наши пари од данокот е ниво на комуникација кое не се толерира. Трагедијата е што јавноста тоа се подржува, зошто тоа ја претставува нашата политичка сфера. – вели Стојадиновиќ

Таа вели дека тоа го форсираат и политичките партии, мислејќи дека на некој начин се приближуваат до народот и дека тоа е народен говор. Но, тој говор може да го користат приватно. Квалитетот на дебатата и политичките претставници оди се надолу, со секој нов мандат и нови избори.

– Со секој нов сет на политичари, тоа ни се нуди, а ние треба да го одбиеме. – вели Стојадиновиќ

Во однос на францускиот предлог, Стојадиновиќ истакна дека политичарите не се искрени и не може да се наречат елита. Тоа што ни се случи до францускиот предлог беше фрлена хартија на маса што е веќе потпишана.

– Истото се случи со Преспанскиот договор и тој не го објави македонската влада во изворна форма, туку го објави грчкиот весник „Катимерини“ кој пишува на англиски. Тоа покажува колку нашите политичари се искрени кон своите гласачи. Самото криење и давање на лимитирани информации, дава основа за големи сомнежи дека се работи за нешто што не е во интерес на македонските граѓани. – вели Стојадиновиќ.