Стартува кампањата за парламентарните избори

Во ек на кампањата за претседателските избори, од денеска официјално стартува и кампањата за изборите за пратеници. Двете кампањи ќе се одвиваат паралелно во текот на следните четири дена, вклучувајќи го и денешниот, по што на 22 април настапува 48-часовниот молк за претседателските избори.

И покрај молкот за претседателските, кампањата за парламентарните избори ќе продолжи и во текот на овие два дена – ситуација која претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, неодамна ја нарече уникатна и единствена досега во изборните циклуси.

Кампањата за изборите за пратеници ќе трае до 6 мај по што ќе започне дводневниот молк пред 8 мај – денот на одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Со низа настани и активности од денеска, па до крајот на кампањата на 6 мај, партиите и коалициите ќе ги претстават своите изборни програми и кандидати за пратеници кои ги номинираат во изборните единици.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја почнува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ кој ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје. Карванот на СДСМ и коалицијата, кој ќе го предводи партискиот лидер Димитар Ковачевски заедно со носителите, коносителите и останатите кандидати за пратеници, во текот на денот ќе продолжи во Гевгелија и Демир Капија.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, пак, кампањата за парламентарните избори ќе ја започнат со митинг во Охрид, а таму ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова.

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ почетокот на кампањата за изборите за пратеници ќе го означи со активности во Скопје, а претседателскиот кандидат Бујар Османи вечерва ќе одржи митинг во Куманово.

Велес е почетната точка од каде што партијата Левица ја почнува својата кампања. Оттаму ќе се обратат лидерот и пратеник Димитар Апасиев, кој е носител во првата изборна единица, и пратеникот Борислав Крмов, носителот во изборната единица 3. Својата изборна кампања во Велес денеска ќе ја претстави и претседателската кандидатка поддржана од Левица, Билјана Ванковска-Цветковска.

Коалициајта „Вреди“ на опозициските партии на Албанците ќе одржи прес-конференција во штабот во Скопје на која ќе се обратат носителите на листите за кандидати за пратеници во сите изборни единици, како и претседателскиот кандидат Арбен Таравари.

Најавени се активности и на останатите учесници на изборите.