ССМ бара итна средба со Владата по ребалансот на Буџетот

„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската,енергетската криза и инфацијата ги јадат работничките плати“.

Стои меѓудругото во реакцијата од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во однос на ребалансот на Буџетот. Оттаму бараат итна средба со Владата, на која ќе биде потврдено тоа што начелно беше договарано и истото да се реализира веднаш.

„Ако не биде постигнат договор за 2806 денари сега, од септември истото ќе изнесува 18,4 проценти односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од 6 месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од 6 месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа назад нема!“ се вели во соопштението од ССМ.

Синдикалците потсетуваат дека бараа зголемување на платата уште од 1 мај и поради тоа на улица излегоа преку 7.500 работници, кои јасно ја упатија пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш.

„ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2806 денари веднаш е солидарно решение“ – соопштија од ССМ.