Спасеновски: Бугарите водат политика на активна конфронтација, прашање е зошто!

Универзитетскиот професор Александар Спасеновски за извештајот на „Фридом хаус“ во најновото издание на Трилинг вели:

„Низ призма на последните 5 извештаа, Македонија прави симболични чекори напред. Од 2017 до 2023 година граѓаните на оваа држава напреднале за 11 процентни поени од скалата, Македонија има 68 од 100 можни процентни поени. На Балканот има две групи на држави, слободни и делумно слободни, Македонија е највисоко на скалата, зад нас е Црна Гора“ вели Спасеновски.

За анимозитетот околу внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав тој вели дека „факт е дека во континуитет детектирано е високо ниво на нерасположение за политиката на Бугарија кон Македонија. Во однос на отпорот на граѓаните за уставните промени, според мене има две големи групи причини. Првите се поврзани со историјата на промените на Уставот на државата и втората, со самата природа на договорените актуелни на уставни измени. Она што предизвикува горчина е дека по сите политички уставни измени постојано нешто им се одзема на граѓаните и се создава внатрешен отпор. Тие трендови се изразени и сега“.

На прашање дали се реални стравувањата дека со промена на Уставот ќе има редифинирање на државата, Спасеновски смета дека „Бугарите водат политика на активна конфронтација. Интеграцијата во ЕУ е еден од врвните приоритети, многу важна е улогата на меѓународната заедница. Нејзината помош може да доведе до воспоставување баланс, па македонско-бугарските односи да доживеат промена“.

„Причините за конфронтацијата на Бугарија може да се бараат, факт е дека има политичка агресија на Бугарија кон Македонија. Клучно прашање според мене е што се случи, зошто радикално Бугарија скршна од политиката во 2019 година“ смета Спасеновски.

Професорот вели дека сега политичката математика во Собранието е јасна, актуелното владејачко мнозинство е околу 74 пратеници, без ВМРО-ДПМНЕ на бродот ваквата постапка тешко може да биде остварена. Дали можеби ќе се разговара поединечно со секој еден народен избраник или таа ќе заврши неуспешно при првото гласање – тоа се двете опции во моментов.