Си Џинпинг свечено пречекан пред палата Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ официјално го пречека кинескиот лидер – Си Џинпинг пред палата Србија.

На белградските улици се почитуваат високи безбедносни мерки, а за следење на посетата на кинескиот претседател се задолжени дури 6.694 полицајци. Така утрото во Белград беше одбележано со голем сообраќаен метеж и повремени блокади во Нов Белград.

Претседателот на Кина синоќа од Париз допатува во Белград.

Белград е негова втора од вкупно трите станици на неговата прва европска турнеја од почетокот на пандемијата „Ковид-19“, претседателот на Кина по престојот во Белград ќе отпатува за Унгарија, а според она што сега неофицијално се знае, сето тоа треба да се реализира до попладневните часови.

„Почитуван претседателе Си, почитуван пријателе, добре дојдовте во Србија! Со оваа посета и направивте голема чест на нашата земја и народ, кои искрено ја сакаат Кина и го ценат пријателството на вашата голема земја. Визијата на светот за која се залагате ѝ даде инспирација и сила на нашата на мала земја која денес храбро и гордо чекори по патот на напредокот и успехот“, напиша Вучиќ на својата Инстаграм страница „будуќностсрбијеав“.

Вучиќ му рекол на Си дека Србија сака да возврати со искрено гостопримство, барем делумно, за целата поддршка што кинескиот претседател несебично и ја дава на Србија.

„Да живее челичното пријателство на Србија и Кина, кое беше калено во тешки времиња и кое ќе продолжиме да го чуваме преку меѓусебно почитување, разбирање и цврста поддршка“ – заклучи Вучиќ.

Си претходно беше пречекан од српските ловци МиГ-29 кои го следеа неговиот авион во српскиот воздушен простор, а во негова чест на аеродромот во Белград беше построена стража на Вооружените сили на Србија.

Последен пат Си беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана Декларацијата за стратешко партнерство.