Сијарто: Да бидеме чесни – уште годинава С. Македонија и Албанија требаше да започнат со преговори

 

Унгарскиот министер за надворешни работи – Петер Сијарто на денешната прес-конференција во македонскиот колега, Бујар Османи во Скопје рече дека „изостанувањето на започнување на преговорите со Северна Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи земјата направи се што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес“.

„Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите“ потенцираше Сијарто.

Тој оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ, бидејки од една страна ЕУ признава дека Македонците направија голем напредок, а од друга страна не ги започнува преговорите.

„И заради тоа, оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој“ – истакна Сијарто.

– Сепак овој делумен успех овде кај нас влезе во длабока сенка на неуспехот на Унијата да обезбеди консензус за операционализација на сопствената одлука од март минатата година, за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија. Свесни сме дека одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус, но се помалку граѓани на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од земји-членки, додаде Османи.

Тој истакна дека несомнено е дека довербата во процесот на проширување е на најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион.

Османи, пак, смета дека не треба да се гледа со разочарување за тоа што не се започнати преговорите со Унијата, туку, според него, треба да сме посветени на процесот.

„Ние остануваме посветени на процесот на интеграција во Европската Унија, што преставува наш стратешки интерес и можам да ве уверам дека продолжуваме да работиме и со нашите соседи со несмалено темпо. Предалеку сме отидени во овој процес за да се откажуваме, но искрено, се надевам дека со новата политичка гарнитура, почнуваме и нов визионерски процес на доверба меѓу двете држави. Нашите пријатели во НАТО очекуваат да покажеме дека сме зрели да ги надминеме меѓусебните разлики, и со тоа да придонесеме во зајакнување на заедничката безбедност и стабилност“ истакна Османи.