Директорот на „Бионтек“: Вакцините против Ковид сами по себе нема да ја запрат пандемијата

Директор на германската компанија „Бионтек“ – Угур Шахин, која е еден од производителите на вакцината против Ковид-19 рече дека раните податоци за ефикасност на вакцината против сојот Омикрон делуваат „смирувачки“, но предупреди дека вакцините сами по себе нема да ја запрат пандемијата.

Шахин, за француски „Монд“ рече дека прелиминарните податоци од Велика Британија и Јужноафриканската Република укажуваат на „ефикасност од околу 70 проценти по третата доза и околу 20 до 40 проценти по втората доза“.

Тој вели дека чека податоци од реалниот живот за да ја процени точноста на една германска студија која укажува на брзо губење на ефикасноста од околу 25 проценти по само три месеци, дури и со примени три дози.

„Очевидно, ние сме далеку од 95 отсто ефикасност која ја имавме против почетната форма на вирусот. Но, по третото инјектирање, се чини дека нашата вакцина обезбедува 70 или 75 проценти заштита од каква било форма на болеста, што сепак е добар резултат за вакцината“ – додаде Шахин.

Предупреди дека вакцината сама по себе нема да ја спречи пандемијата.

„Дури и тројно вакцинираните може да ја пренесат болеста и ќе мора да се тестираат, особено во контакт со ранливите луѓе. Бидејќи варијантата Омикрон станува доминантна, заштитните мерки ќе останат неопходни, особено оваа зима“ рече Шахин.