Ковачевски на средба со Гир: Очекуваме поддршка од ЕУ!

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски заедно со секретарот за меѓународна соработка на партијата, Бојан Маричиќ утрово се сретна со амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

На средбата се разговарало за повеќе актуелни теми, важни за реформите и евроинтегративниот процес на државата.

Ковачевски се заблагодарил на постојаната поддршка од Европската унија и истакнал дека како новоизбран претседател на СДСМ и иден претседател на Владата пред себе има поставено неколку приоритети во работата, ефикасност на институциите, решавање на предизвиците со енергетската криза и пандемијата, реализација на економски реформи, неселективна борба против корупцијата кои ќе доведат до повисок економски стандард, и напредок на евро-интеграцискиот пат на државата.

„Во сите овие приоритети, ЕУ ја гледаме како наш партнер. Владата предводена од СДСМ останува посветена на барање заедничко прифатливо решение, согласно европските вредности. За прашањето со Бугарија, има одредени сигнали од премиерот Петков и очекувам да дојдеме до решение. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат по вредностите на стандардите и вредностите на ЕУ, затоа ќе се посветиме на реформите кои овие вредности ги носат во нашата држава“ порачал Ковачевски.

Амбасадорот Гир, пак, рекол дека и тој и новата Влада ќе продолжат да имаат силен сојузник во ЕУ и дека тоа ќе се покаже на дело.