Се продава куќата на Фреди Меркјури каде пејачот ги поминал последните денови од животот

Домот на Фреди Меркјури во Лондон, каде ја помина последната деценија од својот живот, е на продажба, но агентите нагласуваат дека новиот купувач нема да може да ги добие работите на легендарниот пејач.

Гарден Лоџ, куќа со цигла во луксузниот кварт Кенсингтон, се проценува на 30 милиони фунти, но сè уште не е јавно понудена.

Меркјури го купи имотот во 1980 година, истата година кога излезе „The Game“, познатиот албум на групата „Квин“ и ги освои сите топ листи, пишува АП.

Според биографијата на пејачот, тој имотот го платил во готово во износ од над половина милион фунти.

Ја видов куќата, се заљубив во неа и за половина час беше моја“, пишува во „Интимна биографија на Фреди Меркјури“.

Пејачот ја реновирал куќата и ја наполнил со скапоцена уметност, вклучувајќи дела од Пикасо, Дали и Матис.

„Сакам да бидам опкружен со необични работи. Сакав да водам викторијански живот, опкружен со екстравагантни ситници”, рекол тој.

Тој почина во 1991 година токму во таа куќа, на 45-годишна возраст.

Вилата, како и целиот имот, ја оставил на својата блиска пријателка и поранешна партнерка Мери Остин, која живеела во неа.

Таа досега продаде делови од нејзината колекција, вклучувајќи сценски костими, ликовни уметности и ракописи од песните на Фреди, за милиони фунти, а куќата ја пушти на пазарот минатиот месец.