
СДСМ бара референдум за рудникот во Луке: „Граѓаните да одлучат“
СДСМ побара од Владата да организира локален референдум за најавениот рудник со антимон во кривопаланечкото село Луке, оценувајќи дека станува збор за прашање од јавен интерес кое директно ги засега здравјето на граѓаните и иднината на локалните заедници.
СДСМ побара од Владата да организира локален референдум за најавениот рудник со антимон во кривопаланечкото село Луке, оценувајќи дека станува збор за прашање од јавен интерес кое директно ги засега здравјето на граѓаните и иднината на локалните заедници.
Од партијата истакнуваат дека за ваков проект е неопходна поширока јавна дебата и активно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.
„Ова не е техничко прашање, туку прашање за здравје и за иднина. Граѓаните мора да бидат прашани и тие да одлучат“, наведуваат од СДСМ.
Во реакцијата се посочува и на нерешениот проблем со еколошкото жариште Лојане, за кое велат дека со децении останува без решение, додека во исто време се најавуваат нови рударски активности.
„Ако државата не може да го реши Лојане, тогаш нема кредибилитет да отвора нови рудници“, додаваат од партијата.
СДСМ нагласува дека не се против инвестиции, но предупредува дека тие не смеат да се реализираат по цена на здравјето на граѓаните и животната средина.
Партијата постави и седум клучни услови кои, според нив, мора да бидат исполнети пред да се размислува за реализација на проектот. Меѓу нив се итно решавање на постојните еколошки жаришта, целосна транспарентност на договорите и студиите, воспоставување затворен еколошки систем без загадување, обезбедување финансиска гаранција од инвеститорот, независен мониторинг со јавни податоци, директен бенефит за локалната заедница и континуирана здравствена заштита за населението.
„Доколку овие услови не се исполнат, подобро е да нема рудник“, порачуваат од СДСМ.