„Ќе имаме слика и ќе излеземе пред јавноста да речеме дека, според нашите бројки, 41 процент се имунизирани со вакцина, но врз основа на истражувањето, можеби, сме 60 проценти имунизирани на природен начин“. Ова синоќа во „360 степени“ го изјави министерот за здравство, Беким Сали.
Тој потенцираше дека во претстојниот период фокусот на вакцинација ќе е на лицата постари од 50 години и на оние што имаат една од петте дијагнози што се сметаат за најризичен коморбидитет при разболување со ковид-19.
„Една работна група е формирана од Комисијата за заразни болести за да се фокусира на овие пациенти. Ние преку матичните лекари ќе пристапиме до секој од нив со одредување време и место каде ќе се имунизираат“ – рече Сали.
Најави и серолошка анализа на целата територија на државата.
„Оваа анализа ќе ни покаже реално колку сме имунизирани. Имаме евиденција колку сме вакцинирани, колку се со една, две, три вакцини, со кави вакцини… Но, знаејќи дека особено сојот омикрон поминува со полесна клиничка форма, голем број од нашето население не отишле за ПЦР-тест или сами го поминале омикронот во домашни услови. И сакаме да имаме јасна слика колку од нашето население го поминале ковидот и врз основа на овие резултати, ќе имаме една слика и мислам ќе излеземе пред јавноста да речеме дека според нашите бројки, евиденцијата која ја имаме, 41 процент се имунизирани со вакцина, но врз основа на истражувањето, можеби, сме 60 проценти имунизирани на природен начин“ рече тој.