Савески: Можеби неосновано се определуваат притвори, мора да ја менуваме практиката

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески оценува дека состојбата што ја затекнал во Јавното обвинителство е полоша од она што го очекувал пред преземањето на функцијата. – Знаев дека состојбата не е идеална, но тоа што го затекнав беше полошо од очекуваното – изјави Савески.

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески оценува дека состојбата што ја затекнал во Јавното обвинителство е полоша од она што го очекувал пред преземањето на функцијата.

– Знаев дека состојбата не е идеална, но тоа што го затекнав беше полошо од очекуваното – изјави Савески во интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Меѓу клучните прашања се и потребата од зајакнување на капацитетите на обвинителството, подобрување на ефикасноста и враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Според Савески обвинителите мора да постапуваат согласно законот и доказите што ќе ги соберат, без разлика за кого станува збор, нагласувајќи дека јавноста е информирана за сите истрагите во кои постапката ја надминала предистражната фаза, односно може да биде јавна.

– Јавноста не знае само за истраги за коишто не смееме да зборуваме, односно ако се во фаза на предистражна постапка – изјави Савески.

Според Савески, правосудството мора истовремено да обезбеди почитување на човековите права, исполнување на целите на кривичната постапка и рационално користење на буџетските средства.

Савески смета дека правосудниот систем мора да ја преиспита практиката на определување притвор, особено неговото времетраење, предупредувајќи дека оваа мерка не смее да се применува неоправдано долго и дека обвинителите мора да водат сметка и за трошоците што ги создаваат.

– Ние мора да се менуваме и да се соочиме со фактот дека можеби неосновано се определуваат притвори. Тоа можеби не е толку голем проблем колку што е проблем времетраењето на оваа мерка – изјави Савески.

Освен заштитата на човековите права, тој го отвори и прашањето за финансиските последици од притворот, оценувајќи дека станува збор за скапа мерка која дополнително го оптоварува државниот буџет.

– Ние сме сиромашна држава и како систем, вклучително и јавните обвинители, треба да водиме сметка за трошоците што ги создаваме. Ако можеме да исполниме една цел со мерка што е поевтина и нема да го оптоварува буџетот, треба да размислуваме и на тоа – рече Савески.

Тој упати и директна порака до обвинителите дека мора одговорно да постапуваат со јавните средства.

Запрашан за одлуките на Врховниот суд во предметите „Дурмо турс“ и модуларната болница во Тетово, со кои биле укинати претходни судски одлуки, Савески одби да навлегува во нивна оцена, нагласувајќи дека тоа би било спротивно на неговите професионални стандарди.

– Врховниот суд, како во секое општество, така и во нашето, има апсолутен авторитет и ние сите мора да ги почитуваме одлуките на Врховниот суд. Особено ние, професионалците. Не би си дозволил никогаш, и би излегол од рамките на моите професионални стандарди, да си земам за право да ги критикувам, коментирам одлуките на Врховниот суд – изјави Савески.

Прашан дали во моментов има некаква предистрага за актуелни функционери, Савески потврди дека се водат и предистражни постапки и истраги, но објасни дека за предметите во предистражна фаза обвинителството не може јавно да говори.

– Секако дека има и истраги и предистраги. Оние за коишто сте слушнале, а и предистраги за коишто не може да слушне јавноста, бидејќи е тајна таа постапка – изјави Савески.

Савески нагласи дека ниту функцијата ниту позицијата на одредено лице не можат да бидат пречка за отворање постапка доколку постојат докази за сторено кривично дело.

– Доколку имаме кривично-правен настан во којшто сторител е кој било, вклучително и актуелни функционери, и за тоа собереме цврсти, несоборливи докази, секако дека ќе има постапка – изјави Савески.

Одговарајќи на прашањето дали Обвинителството ќе се вклучи во случајот со Алта банка и по поднесените кривични пријави, Савески објасни дека секоја пријава што ќе пристигне во институцијата се распределува кај надлежен јавен обвинител, кој има обврска да ги провери изнесените наводи.

Тој посочи дека Обвинителството ги анализира и јавните повици за отворање постапки, без оглед од кого доаѓаат, но нагласи дека тоа не значи дека секој таков повик автоматски претставува основа за кривично гонење.

– Ние таквите повици ги анализираме секогаш. Меѓутоа, не секогаш во она на што нè повикуваат гледаме дека постои основа за покренување постапка. Наше е да провериме, да истражиме, да собереме докази во секоја ситуација, вклучително и во оваа – изјави Савески.

Запрашан како ја оценува работата на Абази, Савески истакна дека за време на неговиот мандат немало дисциплинска постапка, ниту скандал поврзан со неговото работење.

– Видете, мандатот на колегата Ислам Абази не заврши со ниту една дисциплинска постапка, не заврши со некој скандал во работењето на тој јавен обвинител – изјави Савески.

Формирањето на Специјалното јавно обвинителство, според Савески било оправдано од реални причини, а неговото постоење било временски ограничено, независно од начинот на кој завршило неговото работење.

– Причините за етаблирање на тоа обвинителство беа реални. Работата на тоа обвинителство имаше еден свој период на опстојување и постапување. За жал, завриши на таков начин како што заврши обвинителката која го раководеше, меѓутоа периодот на постоење на тоа обвинителство беше законски предвиден и да не се случеше таква завршница на кариерата на обвинителката. Практично беше ад хок решение, временски ограничено – изјави Савески.