Рама: Главното прашање не е цената на струјата, туку дали таа воопшто ќе ја има

Еди Рама – премиерот на Албанија повторно ги повика граѓаните да штедат електрична енергија, нагласувајќи дека не станува збор само за финансискиот трошок.

„Притоа најглавното прашање не е колку ќе се покачи цената, туку дали воопшто ќе има енергија во зима“, истакнал тој.

Рама по состанокот на кабинетот изјавил дека моменталната криза во Албанија е полоша отколку во претходните две години. Владата ќе продолжи да ја субвенционира електричната енергија за домаќинствата и за малите компании, и ќе се потруди да влијае врз цената, вели тој.

Исто така истакнал дека се одложува воведувањето на тарифата од 36 евроценти по kWh за домаќинствата кои трошат повеќе од 800kWh електрична енергија месечно.

Албанија речиси целокупната електрична енергија ја произведува во хидроцентрали. Кога ќе настапи голема суша, како што тоа беше случај оваа година, земјата мора да увезува електрична енергија, па буџетот е под огромен притисок и поради истовремено исклучително високите цени.