Во Јужна Кореја неуспешно лансирана ракета, предизвикала голем пожар

Јужнокорејската војска синоќа лансирала балистичка ракета со краток домет „Hyunmoo-2″ која поради неисправност паднала кратко по лансирањето. При падот се запалило ракетното гориво, но капсулата не експлодирала, рекол претставник на јужнокорејската војска.

Сеул и Вашингтон направиле неколку заеднички вежби во рамките на кои, меѓу другото, се лансирале ракети, како одговор на севернокорејското лансирање на балистичка ракета со среден домет, која во вторникот ја прелета Јапонија.

Фотографиите прикажуваат портокалова огнена топка, за која корисниците тврдат дека е локализирана во близина на воздушната база Гангнеунг, на источниот брег на земјата.

„Бројни жители во паника се јавија во градската управа“, известил службеник во градската управа на Гангнеунг.

„На почетокот не знаевме што се случува бидејќи од војската не добивме никакво предупредување дека се одвиваат такви вежби“ – додал службеникот.

Главниот стожер на јужнокорејската војска известил дека немало жртви и дека се истражуваат причините за неуспешното лансирање.