„Рама во затвор, Бериша во затвор“: Студентите во Тирана формираа жив ѕид за да ги спречат опозициските приврзаници да им се приклучат на протестот

Студентските протести во Тирана добија нова димензија откако демонстрантите формираа жив ѕид пред Министерството за образование за да спречат приврзаници на опозициската Демократска партија да им се приклучат на собирот. Со овој потег, студентите порачаа дека не сакаат нивното движење да биде ставено под партиско влијание.

Студентските протести во Тирана добија нова димензија откако демонстрантите формираа жив ѕид пред Министерството за образование за да спречат приврзаници на опозициската Демократска партија да им се приклучат на собирот. Со овој потег, студентите порачаа дека не сакаат нивното движење да биде ставено под партиско влијание.

На протестот беше истакнат и транспарент со натпис „Рама во затвор, Бериша во затвор“, со кој незадоволството беше насочено и кон премиерот Еди Рама и кон опозицискиот лидер Сали Бериша. Според албанската новинска агенција АТА, студентите со човечки кордон го блокирале приближувањето на опозициските приврзаници.

Двата собира започнале одделно. Демократската партија ги повикала поддржувачите пред Владата, додека студентите околу 14 часот се собрале пред Министерството за образование. Иако Бериша претходно повикал на поддршка за студентите, дел од нив одбиле претставници на партијата да настапуваат во рамките на нивниот протест.

Пред Министерството имало тензии и вербални препирки. Според медиумските извештаи, студентите побарале опозициските приврзаници да го напуштат собирот, нагласувајќи дека протестот е независен од политичките партии.

Сепак, подоцна дел од демонстрантите продолжиле кон Владата, каде што, според извештај на „Балканвеб“, им се придружиле студенти, родители, граѓани и симпатизери на Демократската партија и на други опозициски партии.

Протестите во Албанија беа одбележани и со судири со полицијата. Во близина на Владата биле фрлани камења, пиротехнички средства и молотови коктели, по што полицијата употребила водени топови. За обезбедување на двата собира биле ангажирани околу 1.200 полицајци, објави АТА.

Организаторите претходно, на 4 ноември, најавиле нов распоред според кој национални протести ќе се одржуваат секоја среда и сабота во 14 часот, со барање за оставка на премиерот Рама. Собирот на 7 ноември бил првиот според овој распоред.

И покрај поканите за дијалог што ги упатил Рама и отворањето на онлајн канал за комуникација, организаторите најавиле продолжување на протестите. Следните собири се закажани за 11 и 14 ноември.