Работна група во МНР ќе ги проверува сите упатувања на дипломати од земјава

Македонското МНР во врска со последните изјави на претседателот на Собраниската Комисија за надворешна политика околу именувањата и упатувањата на дипломати на највисоките позиции во амбасадите и конзулатите на земјава, укажува дека во изминатава година на мандат се упатени 20 предводници на странските преставништва, од кои 16 се професионални дипломати од Министерството, што претставува 80% од упатените.

Професионализацијата на дипломатијата останува еден од врвните приоритети на Министерството за надворешни работи и во периодот што претстои, за што се покренати повеќе иницијативи за кои јавноста е веќе запознаена, меѓу кои и нов предлог закон за МНР со кој процентот на обврска за упатување дипломати од кариера ќе се зголеми од сегашните најмалку 33% на 75%.

Меѓу другите иницијативи, во Министерството е формирана работна група, која ќе ги проверува сите именувања и упатувања на амбасадори и генерални конзули од 2006 година до денес и ќе подготви компаративна анализа. Целта на анализата е да се проверат сите детали и околности под кои се упатувани, како и квалитетот на кандидатите кои како први лица во ДКП-ата ја претставуваат земјата во странство.