Бислимоски: РКЕ анализира како да им помогне на општините за струјата

Регулаторната комсија за енергетика анализира како може да им се излезе во пресрет на општините кога е во прашање набавката на електрична енергија. Ова денеска го рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски на Канал 77.

„Имаме детектирано дека дел од општините се останати кај крајниот снабдувач што е 50 отсто од берзата хупекс – некои поради немарност, некои поради тоа што снабдувачите им ги раскинале договорите. Малите општини или помалите јавни претпријатија се на регулираниот пазар и кај нив состојбата е стабилна“ – истакна Бислимоски.

Според него, РКЕ донесе одлука со која ги тргна повластените производители од регулираниот пазар и ослободи околу 230 киловатчасови кон слободниот пазар.

„Оваа енергија за слободниот пазар е два пати поевтина од онаа на берза“ – рече Бислимоски.

Тој посочи дека проблемот со кој се соочуваат општините е кај јавните комунални претпријатија кои мора да си ја зголемат ефикасноста.

„Анализите што ги прави РКЕ, без да посочувам во која општина, во едно комунално претпријатие се гледа дека има 550 вработени, а еден кориснички центар на ЕВН на поголема територија работи со 50 луѓе. Јавните комунални претпријтија не се ефикасни и се превработени, најголем број од трошоците одат на плати“ – посочи Бислимоски.