Мицкоски: Може да се постигне разумен напредок со Бугарија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски верува дека може да се постигне разумен напредок во врска со спорот со Бугарија без да биде потценета ниту една од двете страни. Тој смета дека е можно разумно решение кое ќе ги рефлектира македонските европски аспирации, но и подготвеноста на нашиот источен сосед да помогне на држава сосед, на држава пријател и држава чиј главен интерес е иднината на македонскиот народ и на граѓаните.

Тој денеска во Битола изрази сомневање дека барањата на Бугарија и она за што преговара премиерот Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него. На маса се, истакна, и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст.

„Дека зад ова сценарио за одбивање на обединување околу националните прашања седат ваквите мотиви доказ е и одбегнувањето на власта да не ја поддржи Декларацијата во Парламентот за титанот Гоце Делчев, пред се поради стравот на Ковачевски да не се налути Бугарија кој е поголем од желбата за почит кон великанот. И јас немам намера да трошам енергија на ваквата кусогледост на власта, но државнички, зрело и одговорно кон својот народ и иднината која ја заслужуваме е да подадам рака повторно да ја оставам вратата отворена за национално единство и обединување за одбрана на националните интереси, заштита на нашиот македонски јазик и посебност, и како такви да почнеме час поскоро преговори со Европската Унија“ – рече Мицкоски.

Според него, иднината ќе биде наша доколку и иницијативата биде наша, доколку се држиме заедно и доколку се бориме заедно.