Рускиот претседател – Владимир Путин денеска го честиташе Денот на победата во Втората светска војна, велејќи дека Русија ќе направи се за да спречи глобален конфликт, но и дека нема да дозволи никој да му се заканува.
На почетокот на церемонијата што и претходи на воената парада на Денот на победата во Москва, Путин рече дека руските стратешки сили се во постојана готовност, пренесе РИА.
„Нашите татковци и дедовци ја штитеа татковината и го уништија нацизмот, ги ослободија народите во Европа. Русија ја почитува храброста на сите војници на антихитлеровската коалиција. Во првите години од Големата патриотска војна, ССР сама се бореше против нацизмот, бидејќи цела Европа работеше во корист на Хитлер“ – рече Путин.
Рускиот претседател оцени дека „оние кои се навикнати суштински да градат колонијална политика“ на лицемерие и лаги, „се обидуваат да ја искриват вистината“ за Втората светска војна.
„Тие ги уриваат спомениците на борците против нацизмот, соработници на нацистите кои сега се на пиедесталите, го бришат сеќавањето на херојството и благородноста на војниците-ослободители, на големата жртва што ја дадоа во име на животот“, рече Путин додавајќи дека Денот на победата ги „обединува сите генерации“.
Путин ги нарече херои руските војници кои учествуваат во војната во Украина, нагласувајќи дека „цела Русија“ е со нив.
Путин на церемонијата на Црвениот плоштад во Москва дојде придружуван од лидерите на Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан, Куба, Лаос и Гвинеја Бисао.