
Обраќање на проф. д-р Ана Чупеска
За жал или за среќа, се потврди она што СДСМ го кажуваше цело време. Имено, кредитот и сите финансиски врски што оваа влада ги остварува со „црната интернационала“, така да ја наречеме, и со таа оска на авторитаризмот, потврдија дека СДСМ беше во право во антиципирањето на тие ризици.
Во моментов, на овој расчекор меѓу изолацијата и „српскиот свет“, термин веќе присутен и во европските извештаи, Македонија се соочува со мултидимензионална криза. Таа е институционална и демократска и претставува целосен колапс на правната држава и на институциите.
Сепак, за мене најиндикативен и најзагрижувачки е фактот што во Македонија беше извршена когнитивна интервенција преку психолошки операции. Како што претходно беше кажано, тие почнаа да се спроведуваат уште кога сегашната власт беше во опозиција. Преку инженеринг на јавното мислење и целосно компромитирање на јавната сфера беше направена таква интервенција врз свеста на луѓето што тие навистина почнаа да веруваат и да го легитимираат наивното и бесмислено тврдење дека нешто може да се промени во преговарачката рамка.
Сето тоа не се случи по некоја виша сила, туку е операција поддржана од „црната интернационала“, која има подлабоки историски корени. Оние што повеќе ја проучуваат историјата сигурно слушнале за Фране Барбиери. Станува збор за позиции поврзани со настанувањето на фашизмот, капитализмот и клерофашизмот, кои имаат свои реминисценции и денес. Нивните вредносни мрежи денес се отелотворуваат во таа авторитарна и антидемократска оска што ги окупира прогресивните сили.
Она што во Европа, а и кај нас, се именува како „српски свет“ е своевидна франшиза, лиценцирана позиција на „црната интернационала“, која има апсолутно транснационална мрежна поставеност. Тоа е докажливо и ние во нашето прогресивно семејство многу разговараме за него. Сега се обидуваме да градиме мрежи на прогресивен отпор, бидејќи овие појави станаа толку очигледни што веќе нема простор да не се реагира.
Што направи СДСМ во тој контекст? Една од активностите во рамките на таа прогресивна мрежа е Скопската иницијатива. Преку неа покренавме иницијатива, барем на регионално ниво, да разменуваме оперативни податоци за сите дезинформациски, когнитивни и психолошки операции.
Во однос на јавната сфера, медиумите и влијанието, повеќе не станува збор само за пропаганда, туку за „слопаганда“, вештачка интелигенција и техноолигарси. Сето тоа доаѓа во пакет и претставува психолошка интервенција на која мора да ѝ се одговори со силен еманципаторски пристап. Отпорот мора да се одвива на едно ниво преку еманципаторски активности, а на друго и преку конкретни оперативни дејства.
На пример, постојат шпекулации дека во земјава ќе влезат два нови медиумски магнати од „српскиот свет“, преку „Еуроњуз“ и „Ало Србија“. Потоа, на друго ниво, го имаме Душан Адамовиќ, конзулот и специјален претставник, кој веројатно води сметка за енергетските бизниси – извозот на електрична енергија, а потоа и увозот на истата струја.
Тука се и парите од унгарскиот кредит. Веројатно постои еден финансиски кружен тек што треба да се следи, а медиумите мора да го истражуваат. Кога сето тоа ќе го заокружиме, гледаме дека фактички се бориме со еден монструм.
Ќе завршам со она што го кажав и претходно. Лично и професионално, најмногу ме загрижува интервенцијата врз свеста, која не започна сега, туку многу порано. Впрочем, и извештаите на Европската Унија нотираа дека тогашната опозиција беше главен дезинформатор во земјата. Тоа подоцна резултираше со протестите пред „Бекатон“, кога беше повреден еден полицаец.
Меѓутоа, тоа сè уште трае. Токму затоа треба да се изгради штит околу свеста на граѓаните и да се развијат можните облици на еманципаторски отпор. Имам и други тези што подоцна ќе ги образложам, но ова е она што најмногу ме загрижува. Би сакала денес сите да дадеме придонес во тој правец: како да се справиме со интервенцијата врз свеста на луѓето, бидејќи таа, де факто, веќе се случи.
Како заклучна согледба би кажала дека европскиот пат на Северна Македонија сè уште е егзистенцијално важен за нејзиниот демократски опстанок. Во таа смисла, целата прогресивна јавност, без разлика дали станува збор за политички партии, граѓански организации или медиуми, ќе мора да соработува.
СДСМ упати повик за создавање фронт за вистина и правда, што подразбира борба во оваа насока. Во платформата е понудена и долгорочна визија, која, меѓу другото, предвидува надворешна политика на македонски мултилатерализам.
Тоа значи поврзување со демократскиот свет, а не со авторитарните позиции.
Нудиме и сериозни оперативни и институционални одговори на прашањата што претходно ги адресирав: проверка на фактите, вистина, разум и враќање на политиката кон нејзината суштина, заснована врз демократските вредности. Институционалната отпорност е, исто така, многу важна. Целата платформа го сугерира тоа, вклучувајќи ги економските и еколошките теми, односно сè што е актуелно, современо и прогресивно.
Новиот момент на кој платформата му посветува особено внимание е концептот на нов суверенитет. Тој ја напушта конзервативната логика заснована врз територии и се фокусира врз личниот интегритет, индивидуалната слобода, достоинството, еднаквоста, солидарноста и правдата. Задолжителен дел од него е и дигиталната автономија на поединците, за тие да не бидат сведени на податочни точки или да станат мета на психолошките интервенции за кои претходно зборував.
Таквата автономија може да се обезбеди, а тоа веќе се прави во Европската Унија преку нејзините основни акти во дигиталната сфера. Доколку не влеземе во ЕУ, нема да ги имаме тие механизми.
Доколку не влеземе во ЕУ, нема да изградиме ниту обвинителство што ќе биде непристрасно.
Оттука, европската перспектива, демократијата и општествената отпорност се клучните позиции на СДСМ во оваа демократска борба.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“