Протест на лекарите во Загреб под слоганот „СОС за здравје“

Лекарите се незадоволни од нивниот статус, платите и целокупната состојба во здравствениот систем.

Под слоганот „СОС за здравје“, пет чадор лекарски здруженија денеска одржаа голем протест во центарот на Загреб изразувајќи го своето незадоволство од нивниот статус, платите и целокупната состојба во здравствениот систем.

Протестот го организираа Хрватската комора на лекари, Хрватскиот синдикат на лекари, Хрватското здружение на болнички лекари, Координацијата на хрватската семејна медицина и Иницијативата на млади лекари по истражувањето кое покажа големо незадоволство кај лекарите од јавното здравство, вклучително и подготвеност за штрајк, објави порталот Index.hr.

Хрватските лекари се незадоволни бидејќи Министерството за здравство не ги исполнило нивните барања и не ги решава насобраните проблеми во системот. Протестот започна точно во 12:05 часот, со повикот на претседателката на Хрватскиот лекарски синдикат (ХЛС), Рената Чулиновиќ Чаиќ, до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ да го спаси хрватското здравство, јави Хина.

Таа рече дека здравото здравство е во интерес на сите, а не ги интересира политиката, идеологијата и партиите и упати порака до оние кои имаат моќ да донесат одлуки да почнат да ги решаваат здравствените проблеми. Таа се осврна и на тврдењата дека лекарите и онака имаат високи плати, а на политичарите им порача дека за разлика од нив платата ја земаат неколку пати месечно.

Според проценките на организаторите, се собрале околу 1.500 лекари од Загреб и другите делови на Хрватска. Тие носеа транспаренти „СОС за здравство“, „АП е виновна за ваквото здравство“, „Ако Хрватска не сака, има кој ќе сака!“, „Преморени, потценети, недоволно платени!“.