Промоција на книгите есеи „Од личен агол“ и „Книга 2020“ од Елизабета Шелева во Македонскиот КИЦ во Софија

Во центарот на вниманието беа двете книги на проф. Шелева – „Од личен агол“ и „Книга 2020“, кои преку форма на есеј и критички фрагмент, истражуваат прашања за литературата, општеството, родовата перспектива, медиумите, културната меморија и трансформацијата на јазикот во современиот свет.

Во атмосфера исполнета со почит, културен интерес и длабока мисловност, на 9-ти октомври 2025 година, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа книжевната промоција на двете есеистички книги на истакнатата македонска авторка и научничка, проф. д-р Елизабета Шелева: „Од личен агол“ и „Книга 2020“. Настанот, кој по својата содржина и значење ја надмина рамката на обична промоција, претставуваше вистински културен дијалог меѓу македонската мисла и бугарската публика – дијалог што се темели на заемна почит, љубопитност и вреднување на книжевниот израз.

Овој настан кој воедно претставуваше 79-ти културен настан, уште еднаш го потврди значењето на оваа институција како живо и активно јадро за промоција на македонската култура надвор од границите на државата, која веќе неколку години последователно и енергично работи на афирмација на македонската култура во Бугарија преку бројни книжевни, ликовни, музички и мултимедијални проекти.

Се разбира, настанот беше збогатен со присуството на бројни гости, писатели, научници, пријатели на Македонија, како и претставници на дипломатскиот и културниот живот во Софија.

Настанот го отвори директорот на Македонскиот културно-информативен центар, проф. д-р Зоран Пејковски, кој напомена дека: „Настанот претставува ретка можност за софиската публика да се сретне со авторка чиј научен и творечки опус остава длабока трага во македонската и балканската културна сцена. Таа повеќе од четири децении е активен и ангажиран глас во полето на книжевната критика, компаративната наука, културолошките студии и современата есеистика. Позната е по својот прецизен, аналитичен и прониклив стил. Нејзините рани есеи и критики се печатени не само во Македонија, туку и во еминентната југословенска периодика, а нејзиниот авторитет е признаен и надвор од границите на татковината, каде што била визитинг професор и соработник на бројни универзитети и институции. Промоцијата на книгите претставува прозорец кон мислата на авторка која со своето дело неуморно го истражува современиот човек, јазикот, книжевноста и културата. Станува збор за две книги што зборуваат интимно, аналитично и ангажирано, како од личен агол, така и од аголот на едно повисоко културно и општествено сознание“, во таа пригода, со поздравно обраќање пред присутните се обрати и амбасадорката на Република Македонија во Бугарија, Агнеза Руси-Поповска, која ја истакна важноста на ваквите настани за унапредување на културниот дијалог, а посебно ја нагласи значајната улога на културната дипломатија во градењето на мостови на разбирање и соработка. Таа го поздрави присуството на проф. Шелева како врвен интелектуалец и истакна дека преку нејзиното дело се афирмираат не само современите литературни текови, туку и вредностите на критичката мисла, слободата на изразот и културната отвореност.

Во центарот на вниманието беа двете книги на проф. Шелева – „Од личен агол“ и „Книга 2020“, кои преку форма на есеј и критички фрагмент, истражуваат прашања за литературата, општеството, родовата перспектива, медиумите, културната меморија и трансформацијата на јазикот во современиот свет. Во овие книги, личното не е исклучиво интимно, туку и одговорно, аналитичко, често ангажирано, личен агол што се претвора во колективна рефлексија.

Промоторка на вечерта беше врвната литературна критичарка и беседник проф. д-р Кристина Николовска, која во своето излагање направи длабока и чувствителна анализа на делата, нагласувајќи ја хибридната природа на есејот како жанр и способноста на Шелева да го комбинира книжевното, научното и херменевтичкото, во стилски, автентично и концептуално писмо.

Модератор беше Михајло Свидерски – писател, преведувач и издавач, којшто со мотивирачки разговор покрена дијалог и интеракција со авторката и публиката, отворајќи теми за улогата на критиката во нашето време, за перцепцијата на македонската книжевност во регионален контекст и за прашањето што значи да се биде гласноговорник и критичар со став.

Во своето обраќање, проф. д-р Елизабета Шелева сподели искуства од својот повеќедецениски пат како истражувач, професор, колумнист и промотор на современите културни текови. Таа говореше за потребата од постојано критичко преиспитување, за предизвиците на пишувањето во мали култури, како и за врските меѓу македонската книжевност и европскиот културен простор. Нејзиното присуство во Софија беше дочекано со голема почит, а нејзиниот глас беше слушнат со внимание и отвореност.

Како завршен и симболичен чин на вечерта, на сите учесници им беа врачени благодарници под наслов „Мостови на културата“, во знак на признание за нивниот особен придонес, поддршка и афирмација на македонската култура во странство. Овој чин, искрен и достоинствен, беше потсетување дека културата не познава граници, таа гради мостови, отвора простори и создава заеднички вредности.

Настанот заврши во духот на дијалог, соработка и почит, вечер која уште еднаш покажа дека книжевноста, кога ќе развие синергија со публиката, може да зборува јасно, длабоко и долго.