Националниот институт за јавно здравство на Косово објави дека во земјата е потврдено присуството на новиот сој Омикрон на коронавирусот. Од Институтот се наведува дека девет од вкупно 22 тестирани примероци на заразени од Ковид-19 во периодот од 15. до 25 декември резултирале позитивни на новиот сој на вирусот, кој забрзано се шири низ светот.
Тестирањето, според објавата, е извршено со тестови РТ-ПЦР и дополнителни кит-ови добиени од Светската здравствена организација.
По два случаи на зараени со Омикрон допатувале во Косово од САД и од Велика Британија, еден е од Франција, додека останатите четири заразени лица, кои се од Митровица, според ИКШПК, тврдат дека не патувале надвор од земјата и немале контакти со лица кои допатувале од странство.
Во Косово веќе подолго време се регистрираат прилично ниски бројки на новозаразени и починати од Ковид-19. Сепак, и покрај ниските бројки, косовските власти предупредуваат дека е можно ново избувнување на епидемијата, посебно поради напливот на печалбари кои доаѓааат да ги поминат новогодишните празници во земјата.