
Пратениците ќе ги разгледуваат амандманите поднесени на Предлог законот за Советот на јавни обвинители
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ги разгледува амандманите поднесени на Предлог на закон за Советот на јавните обвинители. За законот, според информациите објавени на веб страната на Собранието, се поднесени 26 амандмани.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ги разгледува амандманите поднесени на Предлог на закон за Советот на јавните обвинители. За законот, според информациите објавени на веб страната на Собранието, се поднесени 26 амандмани.
Амандмани за законот имаат поднесено пратеници од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, СДСМ и коалицијата и ДУИ и Алијанса за Албанците.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ има поднесено неколку амандмани. Во еден од нив се бара во член 9 алинеја 15 од предложениот закон да се менува и да гласи: „постапува по претставки и поплаки на граѓани и правни лица за работата на обвинители, при што доколку утврди дека се основани поднесува иницијатива до овластениот предлагач за утврдување одговорност на јавниот обвинител за сторена дисциплинска повреда,”.
Со овој амандман, како што образложуваат пратениците, се врши усогласување со Развојната секторска стратегија за правосудство 2024-2028 година во која се констатира потребата да се предвиди поактивна улога на СЈОРСМ во текот на надзорот како и со овозможување на Советот да иницира надзор.
Во друг амандман, пратениците на владејачкото мнозинство бараат во рок од 30 дена да се донесе одлука за разрешување на функцијата на јавен обвинител и членовите на Советот на јавни обвинители усно да ја образложат одлуката.
Пратениците на СДСМ имаат поднесено амандмани, со кои, меѓудругото се бара прецизирање на формулацијата за основите за поведување постапка за разрешување на член на Советот, се бара прецизирање на постапката за избор на членови на Советот на јавни обвинители, јавен обвинител да се избира и да се разрешува со осум гласови, а извештајот на Советот да содржи сеопфатна и образложена анализа на сите податоци и донесени одлуки.
Повеќе амандмани имаат поднесено и пратениците на ДУИ и АА, а голем дел се однесуваат на употребата на јазикот и правичната застапеност, за изземање на јавен обвинител во случаи каде побарал дисциплинска постапка и правен основ за повторен избори во случај на непостапување на Советот во рок од 30 дена.
По амандманската расправа, законот се враќа пред Собранието каде на пленарна седница треба да биде изгласан.
Предлог-законот за Советот на јавните обвинители, кој се носи во редовна постапка, е дел од реформските закони и претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.
Со него се уредува постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, која се поведува врз основа на образложено барање од најмалку четири члена на Советот и засилена улога на Советот во постапката за избор и разрешување на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вклучително и можност за поднесување иницијатива за разрешување до Собранието, се дел од клучните измени во предлог-законот.
– Зајакната транспарентност на работата на Советот преку јавност на второстепената дисциплинска постапка, со јасно утврдени исклучоци за заштита на лични податоци, угледот на странките и други легитимни интереси. Воведување прецизни и јасни критериуми за избор на членови на Советот, со кои се гарантира стручност, искуство и интегритет по примерот на новиот Закон за Судскиот совет. Детаљно уредена постапка за разрешување член на Советот, со прецизирани рокови и јасни критериуми, се посочува во предлог-законот.
Како што стои во образложението, се посочува дека одредбите на предлогот на Законот за Советот на јавните обвинители на Република е меѓусебно поврзан со одредбите и решенијата во предлог-законот за Јавното обвинителство и со нив се пристапува кон надминување на предизвиците утврдени во повеќе домашни и меѓународни стратешки документи во насока на реализација на целта за зајакнување на самостојноста на улогата и подобрување на ефикасноста и квалитетот во постапувањето на Јавното обвинителство, во согласност со стандардите на ЕУ.
Со донесување на законот за Јавното обвинителство и законот за Советот на јавните обвинители се очекува да се зајакне самостојноста на Јавното обвинителство, зајакнување на механизмите за одговорност на лицата што вршат функции во правосудниот систем, зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Јавното обвинителство, зајакнување на критериумите за избор на јавните обвинители. Обвинителите, кои се предмет на дисциплинските постапки, ќе ги имаат сите гаранции за правично судење во согласност со одредбите од овие два закона.
Предлог-законот заедно со предлог-законот за Јавното обвинителство добил заедничко позитивно мислење Венециската комисија.