
По „чувството“ на Мицкоски, СДСМ испрати писма до ЕУ за најава на политички прогон
Откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „има чувство, но не и информации“ оти во наредниот период ќе се водат истраги против поранешни премиери од СДСМ и нивни блиски, опозициската партија реагираше промптно до европските институции.
Откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „има чувство, но не и информации“ оти во наредниот период ќе се водат истраги против поранешни премиери од СДСМ и нивни блиски, опозициската партија реагираше промптно до европските институции.
Претседателот на партијата, Венко Филипче, упати официјални писма до Европската унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија како и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во кои вели дека сериозно се нарушува на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија.
„Подолг период сведочиме на системско поткопување на поделбата на власта, владеењето на правото и основните принципи на уставноста. Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам“, стои во писмата.
Во нив се цитира изјавата на Мицкоски:
„Имам чувство, кога набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството итн ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство“.
СДСМ во писмата вели дека оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам. „Неговото ‘чувство’ дека ќе следуваат конкретни постапки е транспарентен показател за намера за извршна контрола врз обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси.
Со ваквото однесување, користејќи ги двете функции – премиер и претседател на ВМРО Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури“, наведува Филипче во писмата.
СДСМ бара итна реакција од европските институции велејќи дека „ваквото однесување е целосно неспоиво со вредностите на држава која претендира за членство во Европската унија“.