Последни обиди на Франција да постигне компромис меѓу Скопје и Софија

Франција не се откажува до последен момент од изнаоѓање решение помеѓу Северна Македонија и Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција.

Додека во Мадрид се наоѓаат шефовите на држави и влади и министрите за надворешни на Северна Македонија, Бугарија и Франција, во Брисел продолжува дипломатската активност од страна на Париз.

-Ќе видиме што ќе направат Французите, тие сакаат утре да се одржи првата меѓувладина конференција и сѐ уште се обидуваат, објаснува дипломатот запознаен со активностите на француското претседателство.

Меѓутоа ниту една друга земја членка освен Франција, и се разбира Бугарија, немаат никакви детали за содржината на овие последни обиди.

Француското претседателство завршува денеска на полноќ, по што палката ја презема Чешка, која за време на германското претседателство ги блокираше заклучоците токму поради внесувањето на билатерални историски прашања, меѓу другото.