Најмалку девет лица се убиени во голема полициска операција во неколку сиромашни населби во бразилската метропола Рио де Жанеиро, објавија вчера бразилските медиуми, пренесе ДПА.
Двајца полицајци се повредени, а пет лица се приведени, јавуваат локалните медиуми. Според полицијата, убиените се криминалци.
Многу училишта со илјадници ученици беа затворени поради операцијата, а жителите не ги напуштија своите домови поради страв од истрели.
Полицијата, која била поддржана од специјалната единица Бопе, сакала да ги уапси шефовите на криминалниот синдикат Командо Вермељо (Црвена команда), кои наводно се криеле во фавелата.
Криминалците подигнале и запалиле барикади направени од возила, кои полицијата морала да ги расчисти.
Моќните криминални синдикати како Командо Вермељо и голем број помали банди се борат за контрола на шверцот со дрога и заштитни рекети во сиромашните населби.
Во најкрвавата операција во историјата на Рио во 2021 година, полицајци убиле најмалку 28 осомничени членови на нарко банди во населбата Џакарезињо, област позната како една од базите на Командо Вермељо.