Полицијата го пронајде телото на Ердон Рамадани, 22-годишникот што со автомобил излета во Вардар

Идентификувано е телото кое претпладнево беше пронајдено во водите на реката Вардар. Се работи за Ердон Рамадани, 22 – годишникот од Куманово кој на 27 септември со автомобил фолксваген голф излета од автопатот во реката Вардар, од мост кај селото Желино.

„По наоѓање на телото, извршена е идентификација од најблиските членови на семејството на Е.Р. . Извршен е преглед од лекар од Судска медицина, додека Јавен обвинител наредил обдукција на телото“, информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

По Рамадани се трагаше изминатите пет дена, а телото беше пронајдено од тетовските полицајци, кај бетонски мост во близина на касарната Еребино.

„Најден е младиот кумановец, во реката Вардар. Благодарност до сите спасувачки екипи кои придонесоа во текот на сите овие денови. Длабоко сочувство до семејството“, порача преку социјалните мрежи Блерим Сејдуи, градоначалникот на Желино.

Во потрагата учествуваа повеќе институции, а беа вклучени нуркачи и кучиња трагачи.