Петровска: Пет дена се криеле информациите за труењето во Гостивар, институциите должат одговори

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, побара целосно расчистување на случајот со масовните стомачни тегоби во Гостивар, оценувајќи дека јавноста предоцна била информирана за состојбата и дека институциите мора да утврдат индивидуална одговорност.

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, побара целосно расчистување на случајот со масовните стомачни тегоби во Гостивар, оценувајќи дека јавноста предоцна била информирана за состојбата и дека институциите мора да утврдат индивидуална одговорност.

Таа наведува дека околу 1.200 жители на Гостивар, меѓу кои и деца, побарале медицинска помош, а според објавата на министерот за здравство, првите случаи биле регистрирани уште на 13 јули.

„Денес е 18 јули. Пет дена, министре Клековски. Зошто пет дена ја криевте оваа информација од јавноста? Зошто граѓаните не беа навреме предупредени дека бројот на лица со исти симптоми постојано расте?“, прашува Петровска.

Таа посочува дека Агенцијата за храна и ветеринарство веќе издала забрана за употреба на водата, а МВР истражува сомневања за неовластена интервенција во водоводниот систем.

„Конечните лабораториски резултати треба стручно да покажат дали водата ги предизвикала здравствените проблеми. Дотогаш никој не смее однапред да ја утврдува причината. Но чекањето на резултатите не смее да стане алиби за молчење и бегство од одговорност“, наведува таа.

Петровска бара истрагата да одговори кој ги поставил пумпите, кој наредил тие да бидат пуштени во употреба, кој ја одобрил интервенцијата и кој знаел за случувањата, а молчел.

Дополнително, како особено загрижувачки ги оцени информациите дека вработени од Институтот за јавно здравје, испратени по налог на јавен обвинител да земат мостри, биле попречувани во извршувањето на својата работа.

„Ако некој попречувал стручни лица испратени по налог на јавен обвинител, мора да се испита дали целта била да се одолжи или попречи обезбедувањето на доказите“, наведува Петровска.