Петровска и Ковачки се соочија и во Собранието: Министерката најави тужба за клевета и навреда

Пратеникот Драган Ковачки и од собраниска говорница на седница за пратенички прашања ја прозва министерката за одбрана Славјанка Петровска и ја обвини дека има луксузна хациенда која е дивоградба, а таа му возврати дека покажува лажен документ, презентираше, како што тврди, официјални документи и му најави тужба за клевета и навреда.

Ковачки од говорницата мавташе со фотографии и документи, тврдејќи дека има имотен лист на нејзино име и ја обвини дека истиот не го пријавила во анкетниот лист во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

„Во 2007 година парцелата која неколку пати ја вадевме на прес-конференција и прашувавме за неа, која неспорно била во сопственост на Петровска, нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела гледате дека има куќа бесправно изградена. Веднаш после тоа на самото место излегуваат службеници од катастарот и прават увид и ги запишуваат имотот на име на почитуваната министерка Петровска. Викаат во тој период да целата таа градежно техничка и проектна документација да ја поднесе кај надлежните органи со цел да го легализира објектот што го има изградено. Тоа не се случува, во 2012 продолжува со дивоградбата и гледаме дека тука веќе е изграден базен. Во 2016 година, тоа е последната година кога е доградувано, гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото на почитуваната министерка“,

рече Ковачки.

Тој вели дека во јавноста излегле и спротивставени информации, односно дека министерката на прес-конференција тврдела дека го продала земјиштето пред десетина години, а потоа директорот на Катастар кажал дека имотот неспорно до 2020 година бил во сопственост на Петровска.

„Значи Петровска вика пред десетина години го продала, директорот вика до 2020 било во нејзината сопственост, а податоците од Катастарот односно имотниот лист вика дека сè уште е во владение на Петровска“,

рече пратеникот до ВМРО-ДПМНЕ.

Тој покажа и сметка за вода тврдејќи дека е за истиот имот и е на име на таткото на министерката и ја праша дали тоа е адресата и во нејзината лична карта.

Петровска, пак, му рече дека не му се точни документите и некој сака „многу јако да го излизга“.